Многумина ги паметат како дуо „Коктел“ кои во почетокот на 90-тите во напливот на новата македонска музичка сцена и ерупцијата од хитови имаа токму еден голем таков хит, насловен „Слуга и цар“ во чие видео тогаш главната улога ја имаше тогаш атрактивната мисица и манекенка, кумановката Марија Радуловиќ, која за жал не е повеќе меѓу нас.

Но, затоа Стевче Грозданов и Блаже Темелков, музички имиња кои и се добро познати на македонската музичка јавност, за 30 – годишнина од постоење на бендот решија да прават кам бек под истото име и тоа со нова песна.
Ако своевремено имаа дует со Благица Павловска, па дури и албум издаден во 1994 година за Музичко-касетната продукција на МРТ, сега на сцената се враќаат музички многу позрели, но и мошне посвежи зашто нивниот „Коктел“ сега содржи емоции и страсти со урбан шмек за срцебиење сто на час, огледани во нивната нова песна „Каде ти таму јас“.

Навидум едноставна, но мошне певлива тема, која во многу што „мириса“ на старите добри екс-ЈУ хитови кои и ден денес ги пеат сите генерации, а од друга страна модерно арнжерско-продуцентски „испеглана“, онаква какви што денес во еден глас ги пее публиката во преполните сали при гостувањето на познатите ѕвезди.

Очигледно „Коктел“ ја имаат формулата како да ги спојат генерациите и нивните музички афинитети, погодувајжќи во сржта на желбите на сите… Да потсетува на она старото од убавите времиња, а да кореспондира со новото, урбаното и модерното кое ќе ја заинтригира и помладата популација. Песна што претендира да им се допадне и покрене и едните и другите, како што симболично кажува и самиот наслов – „Каде ти, таму јас“!

Музиката и текстот се дело на пејачот Блаже Темелков, аранжманот на гитаристот Стевче Грозданов кој освен програмирањето заедно со Златко Симеонски-Зеко ја снимал и миксал песната, чиј мастеринг го изработил Горан Гешовски. Придружните вокали ги пее Емилија Гиевска.

„Каде ти таму јас“ е визуелизирана со урбан видеоспот, во кој провејуваат кадри од содржината на приказната што ја носат стиховите на песната во кои се испреплетуваат желбата, копнежот, страста и емоциите, вткаени во ноќната шема и настапот на бендот. Во видеото покрај членовите на „Коктел“ главната женска улога ја има атрактивната убавица, моделот Драгана Јаневска.

Покрај двајцата главни членови Блаже Темелков (вокал) и Стевче Грозданов (гитара), во придружната група ќленуваат уште и Горан Гешовски (бас), Борислав Драганов (клавијатури)и Емил Милев (тапани).

Ова е прва пилот песна од новата ера на „Коктел“ кој има во план да продолжи да егзистира како бенд кој ќе издава уште нови песни како и комплетно нов албум, кој треба да излезе некаде наесен во новата 2026 година.

Дотогаш уживајте во шмекот на старите добри времиња вткаени во новата песна на „Коктел“ – „Каде ти таму јас“ која можете да ја проследите во видето во продолжение.




