На зградата пишува се издава, но центарот Соравија всушност е продаден. На две фирми кои се под кирија на 11-тиот кат во истиот центар, а едната е на внукот на лидерот на ДУИ Али Ахмети. Центарот има над 15.500 квадратни метри во деловни канцеларии и трговски единици, а доколку просечната цена на квадрат е само 2 илјади евра, тогаш цената е над 31 милиони евра, објавува ТВ Телма.

Според информации на Телма, зделката се договарала последните неколку месеци. Реализирана е на почетокот на јуни. Купувачи се фирмата „Тхор индустрис“ од Скопје во сопственост на Дрин Ахмеди, внук од брат на Али Ахмети и фирмата од Албанија „Пе-вла-ку ШПК“.

„Тхор“ е формирана пред три години и според сознанија на Телма, од добро информирани извори, изминатите три години немала многу трансакции, но сега учествува во купување на централен скопски деловен објект.

Дрин Ахмети е син на Фекри Ахмети, братот на лидерот на ДУИ, а во своето бизнис портфолио иако по возраст е на средина на дваесетите години, веќе има 4 фирми.