Месната заедница од село Стојаково, општина Богданци, заедно со Македонското еколошко друштво, неодамна со помош на дрон направи снимање на сите гнезда со цел да се изврши првото броење на штрковите во ова населено место кое се смета меѓу местата со најголем број штркови во Македонија.
– Снимањето и броењето на штрковите до некаде ја потврдија нашата констатација. Во селото има 37 гнезда, речиси на сите бандери по едно, во кои избројавме 74 стари штркови и 134 млади или вкупно 208 штркови. Оваа бројка го става нашето село меѓу местата со најмногу штркови во земјава, поради што веројатно ќе покренеме иницијатива овие птици да бидат заштитен знак на Стојаково, рече Роберт Иванџиков од месната заедница.
За овие преселни птици се вели дека своите гнезда ги прават само во еколошки чисти средини. Ако ги има во вашата близина, тоа значи дека живеете во чиста и здрава околина. Младите штркови деновиве ги привршуваат подготовките за миграција во Африка.
Проверено е дека нивното заминување од нашите краишта се случува по празникот Макавеј, на 14 август.