Јованка КЕПЕСКА
Преку визионерската определба за културен натпревар меѓу народите, Гоце Делчев го определува влогот кој што треба да го направат поединците и самиот народ. Значајно за определувањето на односот на интелигенцијата и народот е односот кој што на пример го искажа чувашкиот поет, Генади Ајги, како лауреат на Струшките поетски вечери, пред повеќе децении во Струга, говорејќи гордо како поет на својот народ.
Мојот татко, проф. Круме Кепески, при одбележувањето на една годишнина од излегувањето на првата Македонска граматика, отпочна со зборовите: „Сметав за патриотски долг да ја напишам Граматиката…“
Суштинскиот одговор за улогата на интелигенцијата е творештвото кое е отелотворување на битта на народот на кој му припаѓа за да претставува негова интелигенција. Тоа е улогата која ја има македонската интелигенција. Народот е творец во минатото но, продолжително, заедно со народот, останува како напор и интенција на македонската интелигенција. Според една корелација за односот јазик – народ искажана од Крсте Мисирков можеме да ја изведиме корелацијата на мислењето (интелигенцијата) и народот. Тој вели: „…јазикот на един народ јет негоо духовно богатство и наследство, во кое се заклучуват отпечатоци, в гласовни знакои или зборои, сите народни мисли, осеќајна и сакајна со кои имат живејно и живејт еден народ и који се предаваат, како нешчо свето от едно поколение на друго. .. Тој е наш, како е наша таткоината…“
Денес, сé поприсутна е критиката кон интелигенцијата дека не се огласува во однос на случувањата поврзани со македонскиот народ.
Меѓутоа, сепак, постојат две нивоа што можат да се претпостават за димензионирање на критиката кон интелигенцијата. Првото ниво се однесува на успешноста на научната продукција при одговорите поврзани со македонскиот народ. Односно дали постои односот на научниците и творците, воопшто, со народот и неговиот подем. Во одговорот се претпоставуваат научните резултати на науките: историја, социјална теорија, лингвистика, економски науки, техничко-технолошки науки, природни науки и творбите во различните сфери на уметноста.
Онака како што и е нормирано во Законот за високо образование, во однос на обврските при изборот на редовните професори да вршат „ јавно педагошко влијание“, тоа се реализира преку презентирање на научните резултати во книги, научни расправи и др. а, последно, и преку цитираност во референтни светски гласила.
Соответствувањето на научните и уметничките резултати, секако, е неспорно .
Од аспектот што вистински се претпоставува во барањето од интелигенцијата е и персонално да учествува во политиката која, пак, е повиканата да ги оствари научните одговори за прашањата кои се однесуваат на во развојот на македонскиот народ.
Така што, вистинското прашање е дали научните сознанија се применуваат во политичкото дејствување и дали политиката ги остварува.
Науката и политиката, имено, претставуваат две сфери на дејност кои персонално не се поклопуваат. Науката е она категоријално ниво во свеста кога поимањето на стварноста ги спознава состојбите во стварноста и укажува на она што не е остварено а може да се оствари во неа. Додека политиката ја обезбедува организацијата за да биде извршено она што науката го констатира.
Улогата на науката во политиката е да ги посочи излезните решенија за стварноста а политиката да ги реализира.
А научниците, јасно е, дека, во исто време, не можат да бидат и политичари иако иако, според барањето, како да се инсистира на директното учество на научниците во политиката.
Политиката засновајќи се врз научните сознанија го надминува издвоениот статус на интелигенцијата како сталеж и го надминува елитистичкиот карактер на гледањата.
Иако, мора да се каже дека поврзувањето на науката и јавноста (па и политиката) дотолку е потешко остварлива затоа што станува збор за два јазика. Мора да се каже дека јазикот во науката е групен и служи внатре во струката. Односно е разбирлив само за научната група и, оттаму, помалку или повеќе, недостапен за јавноста. И, се разбира, различен од јазикот на широката јавност па и политиката и тешко се „упросечува“. Иако има максима која говори дека нема голема вистина која не може и едноставно да биде кажана.
Да кажеме дека интелектуалноста во минатото се идентификувала со духовност за разлика која се прави од материјалното произведување. Оттаму и отстојувањето на интелектуалната елита од населението во материјалното производство и поради издвоеноста од економската основа на животот, што значи од практичниот живот, таа била елитистичка а со оглед на учеството во поделбата на трудот таа претставувала сталеж. Логично нејзината свест да биде идеолошка или преку призмата на својот социјален статус да ја гледа вистината. Поради што станува јасно дека протежира искривена свест.
Како што, во исто време, општото знаење, присутно во филозофијата, се издвојува во огромен број научни одделни сознанија – науки. А паралелно се одвива процесот, освен во воведните делови, да се редуцира и теоријата во науките, сведувајќи ги на позитивистички пристап кон стварноста.
Како што постои и повратен процес во кој се разрешуваат односите помеѓу науката и политиката ( како организација) со процесите што се одвиваат со научно-технолошкиот развој а кои овозможуваат спојување на интелектуалноста на човекот и материјалното производство но и воопшто во жовековото дејствување како единство на logos, poiesis, fizis.
А интелектуалецот и интелектуалноста во улогата на критичар на стварноста и начин на кој го подигнува угледот на својот народ останува. Суштествени се притоа двата приоди: дека во сегашноста се разрешува минатото и иднината и дека минатото не се ништи, туку во сегашноста се ослободува постигнатото од рамките за да се подигне на повисоко ниво.