Фатмир БЕСИМИ

Честопати, патувањето е еднакво важно со дестинацијата. Патот кон полноправното членство во ЕУ, преку градењето на демократско општество и одржлива пазарна и конкурентна економија, е еднакво значаен како и самото членство. На членството во ЕУ гледам како на признание и врата кон нови можности за нашата земја и граѓани, откако претходно ќе ја завршиме главната задача, односно „ќе ја донесеме Европа дома“ и ќе ги спроведеме реформите кои ќе осигураат економски и општествен развој. „Развојот е трансформирање на животот на граѓаните, не само трансформирање на економијата“, ќе каже познатиот економист Џозеф Стиглиц. Членството во ЕУ и пристапниот процес кон ЕУ е за унапредување на структурата на економијата и конвергенција кон развиените ЕУ економии, градење на функционален општествен систем преку владеење на правото и подобрување на јавните услуги и сѐ друго што ќе обезбеди подобар живот за нашите граѓани.

Пред десетина дена Европската комисија го објави првиот нацрт-извештајот од скринингот на нашата земја, кој се однесува на група поглавја, односно Кластер 1 – Фундаменти. Инспириран од неговата содржина, но и самото значење на овој документ за понатамошниот евроинтеграциски процес, сакав да дадам еден осврт во однос на дадените оценки и насоки од Европската комисија и идните чекори.

Сосема кусо за ЕУ пристапниот процес

За да му стане појасно на секој читател за каков извештај станува збор – сосема накусо за процесот за пристапување кон Унијата. Земјата која е аспирант за членство во ЕУ поднесува апликација до Советот, кој се состои од сите земји-членки. Европската комисија составува мислење по основ на апликацијата, за кое по принцип на едногласност на сите земји-членки, се гласа и се носи одлука.

Откако условите за кандидатски статус се исполнети, се отвораат преговорите, по дадена согласност на земјите-членки. Европската комисија потоа предлага рамка за преговорите. За време на преговорите, кои се структуирани во повеќе поглавја поделени во кластери, земјите-кандидати се подготвуваат за имплементирање на законите и стандардите на Унијата. Откако преговорите во сите области ќе се финализираат, Комисијата го дава своето мислење за подготвеноста на земјата да стане членка. Врз основа на мислењето на ЕК, членките носат одлука за затворање на преговорите, за што согласност треба да даде и уште едно важно тело во Унијата – Европскиот парламент. Пристапниот процес завршува со ратификување на пристапниот договор од страна на земјите членки.

Преговорите се водат по основ на поглавја поделени во 6 кластери (Фундаменти; Внатрешен пазар; Конкурентност и инклузивен раст; Зелена агенда и одржлива поврзаност; Ресурси, земјоделие и кохезија; Надворешни односи). За секој кластер преговорите започнуваат поединечно, по исполнување на одредниците (популарно познати како бенчмаркови).

Кластерот Фундаменти (Основи) се отвора прв, а ќе се затвори последен и напредокот по основ на фундаментите, всушност го одредува целиот тек на преговорите. Оттаму и високото значење на нацрт-извештајот на ЕК за овој кластер. Под „фундаменти“ се подразбира функционирањето на демократски институции, реформа на јавната администрација (вклучително и управувањето со јавните финансии), владеењето на правото и почитувањето на човековите права, прекугранична контрола, функционална пазарна економија, јавни набавки, статистика финансиско управување и контрола.

При објавувањето на овој извештај, јавноста кај нас можеби повеќе се фокусираше на владеењето на правото, борбата против корупцијата и организираниот криминал, човековите права и реформата во јавната администрација. Но, подеднакво е важна и економијата и доброто владеење со јавните финансии. Соодветно, оваа колумна ја посветив на анализата и препораките за овој дел од Кластерот – фундаменти.

Значаен напредок во јавните финансии

Да почнам со мојот ресор – управувањето со јавните финансии. Европската комисија во Извештајот посочува дека Владата има постигнато значаен напредок во областа на подготовка, спроведување и известување за буџетот. Имплементацијата на Програмата за реформи во јавните финансии се карактеризира со високо ниво на транспарентност, додека усвојувањето на Законот за буџети, овозможува да се спроведат најважните реформи во буџетирањето со што се зголемува фискалната одржливост (среднорочното буџетирање, единствениот информациски систем за управување со јавните финансии – ИФМИС, воведување фискален совет и фискални правила). На тие реформи им треба уште поголема брзина, a за да се постигне сеопфатната и амбициозна реформа вградена во новиот Закон за буџети, нашата земја треба да усвои акциски план и да го забрза воспоставувањето на новите институционални структури предвидени во рамките на Законот за буџети и навремено да се обезбеди соодветен кадар во клучните реформски единици во Министерството за финансии, УЈП и Царинската управа.

Да дадам кус осврт кон реформите во јавните финансии. Програмата за реформи во јавните финансии или „СМАРТ јавни финансии“ е поставена така за да  ги адресира сите предизвици утврдени преку дијагностиките на меѓународните организации (ПЕФА, ПИМА, ТАДАТ, СИГМА). Оваа стратегија вклучува реформи во јавната внатрешна финансиска контрола, јавните набавки, ревизијата и управувањето со јавни финансии, односно сите аспекти кои ги евалуира Европската унија. Покрај усвојувањето на системскиот Закон за буџети, кој е носител на голем дел од реформскиот процес во јавните финансии, подготвени или во подготовка се и други законски решенија, како суштински измени на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа, Законот за јавни претпријатија, Законот за финансиска дисциплина итн.

Една од најголемите реформи во јавните финансии е имплементацијата на единствениот информациски систем за управување со јавните финансии – ИФМИС, која ќе ја подобри ефикасноста, преку поврзување на фрагментираните системи во јавните финансии, ќе донесе поголема предвидливост и контрола во спроведувањето на буџетот. Функционалната и техничката документација за проектот се подготвени и обезбедени се средства за изведба, додека Министерството за финансии во соработка со Светската банка, е во финална фаза на подготовка на јавната набавка за развој и имплементација на ИФМИС.

Исто така, сметководството и известувањето се силни страни на системот на управување со јавните финансии, додека транспарентноста на извршувањето на буџетот е зголемена преку платформата Отворени финансии и истата може да се унапреди.

Од другите заклучоци, кои се во сферата на надлежности на Министерството за финансии, ќе спомнам дека ЕК оценува дека правната рамка кај јавните набавки има високо ниво на усогласеност со правото на ЕУ. Правната рамка за Јавна внатрешна финансиска контрола е во најголем дел соодветна, но потребно е усвојување на новиот закон, кој е подготвен од страна на Министерството за финансии.

Исто така, вреди да се забележи и оценката во Извештајот за официјалната статистика на земјава, која има постигнато високо ниво на усогласеност со европското законодавство и меѓународните стандарди, на која координатор е Државниот завод за статистика, но каде и Министерството за финансии придонесува со продуцирање податоци.

Подобрување на фискалната дисциплина

Низ годините вкупната фискална дисциплина се подобрува, додека плановите за јавните приходи и расходи се кредибилни. Во делот за економски критериуми, односно функционирањето на пазарната економија, а од аспект на макроекономската стабилност, Европската комисија оценува дека јавните финансии се солидни, како резултат на  подобрувањата кај фискалното управување во изминатите години. Владата работи на реформи за да се подобрат буџетските приходи и подобро да се таргетираат на расходите, како и зголемување на учеството и реализацијата на капиталните во вкупните расходи.

Се нотира и тоа дека покрај турбулентниот период, исполнет со крупни предизвици како резултат на неколку глобални кризи, успеавме да останеме на патеката на постепена фискална консолидација. ЕК укажува дека иако Владата обезбеди значајна буџетска поддршка за време на енергетската криза, дефицитот (4,5% од БДП), беше на ниво кое е и пониско од владините проекции (во 2022 година). Неколкуте последователни кризи придонесоа кон зголемување на долгот, како и кај повеќето земји, но ќе посочам дека како Влада сме посветени да ја спроведеме фискалната консолидација и со тоа да обезбедиме долгорочна фискална одржливост која е основа за одржлив економски раст (во краj на јули 2023 година јавниот долг е околу 55% од БДП, при што државниот долг е под 50% од БДП). Од 2020 година наваму секоја година се намалува буџетскиот дефицит и јавниот долг и покрај континуираните екстерни шокови во економијата.

Во извештајот се нотира и дека низ години се издадени 9 еврообврзници, по конкурентни каматни стапки, што сведочи за доброто позиционирање на земјата на пазарите на капитал.

За време на енергетската криза во 2022 година, која произлезе од руската агресија врз Украина, фискалната и монетарната политика дадоа соодветен и добро координиран одговор, кој се базираше на значајна фискална поддршка и монетарно затегнување. Макроекономската стабилност е одржана. ЕК укажува и на важноста на Законот за финансиска стабилност, со кој се регулира улогата на Комитетот за финансиска стабилност и се поставува рамката за макропрудентни мерки. Финансиската стабилност е одржана, додека во изминатите десет години нивото на нефункционални кредити се намалува, се забележува во извештајот.

Борба против неформалната економија и пазар на работна сила

Во однос на другите структурни предизвици, во извештајот се укажува на соочувањето со сивата економија. Од аспект на борбата против сивата економија, вреди да се спомнат податоците изнесени за време на скринингот, а согласно проценките на меѓународните институции (ММФ, УНДП, ГИЗ). Според проценките, станува збор за намалување од 37,6% од БДП во 2016 година на 21-29% од БДП во периодот 2019-2021 година. Сепак, стапката е останува висока и потребно е да се преземат понатамошни чекори за намалување на сивата економија. Преку активната стратегија и акцискиот план за борба против сивата економија, веќе има соодветни ефекти во делот на формализирање на вработувањата, преку намалување на стапката на неформалност од 18,6% во 2018 година на 12,1% во 2021 година.

Кај пазарот на работна сила, се забележуваат одредени подобрувања. Европската комисија оценува дека за време на пандемијата, владините мерки ги одржаа работните места, преку субвенционирање на платите и поддршка на ликвидноста на фирмите. Ова се огледа и кај работните места во индустријата, кои не го сменија својот удел во вкупните, и покрај економските резултати во секторот. Стапката на невработеност и понатаму се намалуваше, побрзо во однос на работната сила. Сепак, структурните предизвици се уште присутни и треба и понатаму да се адресираат, како родовиот јаз кај вработените, и невработеноста кај младите. Европската комисија забележува дека Младинската гаранција придонесе кон намалување на невработеноста кај младите. Активните мерки за вработување, кои се во насока на развој на соодветни вештини за пазарот на труд и поддршка на ранливите категории за наоѓање работа мора да продолжат, со цел да се надмине и овој структурен предизвик.

На добар пат во развојот на функционална пазарна економија

Економскиот раст е движен од домашната побарувачка. Приватната потрошувачка е поттикната од стабилните приходи, поддржани од владините мерки, како индексирање на платите и пензиите, поддршка на работните места, зголемувања на минимална плата, даночни олеснувања, се наведува во извештајот. Економијата трговски е високо отворена (2022: надворешната трговија достигнува 171% од БДП), со ЕУ како најголем трговски партнер. Индустрискиот производен сектор, вклучително и извозно ориентираниот е високо увозно изложен. Уделот на производи со повисока додадена вредност во извозот континуирано се зголемува.

Дигитализацијата напредува, но се оценува дека преку владина поддршка и е-услуги може да се придонесе тој процес да се забрза.

Во извештајот се наведува и заложбата на земјава за усогласување со стандардите на ЕУ во делот на енергетиката и транспортот. Енергетската криза во 2022 година и увозот на струја ја нагласи итната потреба од спроведување на реформи во овој сектор. Тука ќе ги нагласам плановите за спроведување на зелената агенда со цел зголемување на енергетската одржливост и енергетската ефикасност.

Севкупно, ЕК смета дека Северна Македонија е на добар пат во развојот на функционална пазарна економија, но и дека треба да се продолжи со реформите кои се усвоени при Економскиот и финансиски дијалог помеѓу ЕУ и земјите од Западен Балкан и Турција. Значен дел од потребните реформи се направени, но има уште реформи што треба да се направат во текот на преговорите, но и како членка на ЕУ во иднина. Со други зборови, како што ја почнав и оваа колумна „патувањето е еднакво важно со дестинацијата„ – Пристапните преговори нѐ подготвуваат да ја стекнеме реформска кондиција која ни е потребна не само за влез во ЕУ, туку и потоа како членка на ЕУ.

Вистински момент за ЕУ и план за развој

Пред неколку дена, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен даде силна порака од Мадрид, на состанокот по повод преземањето на шпанското претседателство, кога истакна дека иднината на ЕУ не може да се замисли без земјите од Западен Балкан. И премиерот на Шпанија ја поддржа оваа изјава, но исто така поддршка има и од Франција и Германија, како и реафирмацијата на берлинскиот процес за Западен Балкан. Ова се јасни сигнали за моментумот во евроинтеграциите, поволната поставеност иницирана од геостратешките превирања, кој треба да се искористи.

Актуелната поддршка и благонаклонетоста кон земјите од Западен Балкан од страна на ЕУ се гледа и од најавата за дополнителни средства и други поволности во насока на развојот на земјите од регионот. Согласно најавата на претседателката на Европската комисија, новата иницијатива за поддршка на земјите од Западен Балкан се базира на четири столба: Приближување до единствениот пазар на ЕУ; Регионална економска интеграција; Забрзување на фундаменталните реформи и Стимулирање на економскиот раст преку зголемување на пристапните фондови. Земјите од Западен Балкан ќе имаат можност многу порано да ги почувствуваат бенефитите од главниот двигател на економскиот успех на Унијата – заедничкиот пазар. Заедничкиот регионален пазар може да помогне многу во забрзување на процесот на пристапување кон ЕУ, но и да ги направи земјите поатрактивни за  странските инвеститори. Забрзувањето на реформскиот процес е исто така добар сигнал кон инвеститорите, додека зголемувањето на пристапот до фондовите ќе придонесе кон реализација на инфраструктурни развојни проекти.

Во меѓувреме, реформската агенда мора да продолжи, со што е можно посилно темпо, исто како и реализацијата на домашната стратегија за забрзување на економскиот раст – Планот за забрзување на економскиот раст. Нашата перспектива е европска и тука не треба да има никакво двоумење. Патот кон ЕУ и ЕУ се оние кои можат да придонесат кон нашата највисока цел – благосостојба и подобар живот за нашите граѓани со пошироки перспективи.