Јованка КЕПЕСКА

Колку предизборните говори да се прилагодени на потребата да се освојат гласачите, иако економските прашања за Македонија во дебатата имаат првенствено значење, има аспекти, поврзани со несоодветната организација на нашето општествено живеење, што е потребно да се разјаснат.

Првото прашање се однесува на востановувањето на односите на македонскиот народ со другите етнички групи во македонското општество. Што, со оглед на некои поставки на актуелната организација во општеството, се случуваат ситуации кои го доведуват во прашање унитарниот карактер на македонската државност. Претпоставката, според која се пледираше од страна на одделни политички субјекти, е пресликувањето на мултиетничкиот карактер на општеството во проекција за создавање на мултиетничка држава. Опција, иако само и како посакување, за федеративното преобликување на Македонија. Оправдувањето дека изедначувањето на мултиетничкото општество со мултиетничката држава е само реторика, прилагодена за заземање на власта од политичките претеденти, особено од албанскиот етнички блок, не стои.

Имено, реторичката недоследност доведе до несоодветни правни решенија какви што се волунтаристички конципираната територијална на поделба, волунтаристички решенија за употреба на јазиците, за одлучувањето во Собранието, со воведувањето на балансер и друго.

„Решенијата“ кои не само што не ги разрешија односите во општеството туку создадоа негативни последици врз општиот развој на државата. И нештата кои пред се создадоа незадоволството кај македонскиот народ поради нарушувањето на неговото право на македонскиот карактер на државата, издејствувано со вековните настојувања и борба.

Секако како повод за припомага и променетото име на Република Македонија што се протолкува и како прилика за „иновирање“ на суштината на нацијата, а државата да се преформулира како многуетничка. Ваквото политичко пледирање станува штетно во однос на консеквенците за разделеноста на македонското општество.

Во исто време кога уставно Македонија е унитарна држава  што говори за тоа дека таа е национална. Уставот на Македонија државата ја дефинира како унитарна и македонска со оглед на македонскиот народ кој е конституент на државата. И во таа смисла дека тоа е непроменливиот и статичен, национален прерогатив.

За да се одбегнат застранувањата при востановувањето на односите на македонскиот народ и другите етнички групи во Македонија, служат и релевантните теоретски сознанија врз основа на кои се дефинирани европските конвенции за етничките групи и за јазиците. И како такви и се применети во многу земји, на пример, во Хрватска, Ромунија, и други.

Европското право лежи врз теорија, а конвенциите за разрешувањето на внатрешните односи на народите во општествата произлегуваат истоветно од теоретски поставените сознанија. Најпрво според развиената хуманистичката визија за слободата на човекот и неговите природни права во француската филозофија од 18 век. И таквите е потребно да се проследуваат.

Поврзаното прашање со македонскиот карактер на државата е и концептот на културата во нашето општество. Културата која можеме да ја изедначиме со сеопштото творештво, односно како творештво на секој поединец, се пројавува како македонска култура создадена во истоветните општествени претпоставки во живеењето во Македонија. Етничките посебности го создаваат културното богатство на севкупната македонска култура. Притоа нив ги обележуваат различните взаимни влијанија и оттаму не може да се пројавуваат во форма на конгломерат на култури.

Се разбира, државата ги обезбедува културните права на малцинствата и со оглед на тоа што останува обележјето на македонскиот културен идентитет на нацијата. Впрочем, културата е творештвото кое се остварува во единствениот социјален амбиент и кое го одразува. Македонскиот културен идентитет опстојува поради македонската етничка автентичност и влијанијата во содејство со другите етнички припадности  во рамките на Република Македонија, но и од културните достигнувања на други народи. И тоа севкупно ја означува македонската култура. Која постои и е потребно да се негува.