Јованка КЕПЕСКА

Бидејќи не живееме со реалностите, се доведовме до дезориентација во движењето на општеството и за тоа каде би требало да води нашиот пат. Како последица на тоа се доведовме до неразрешивости на состојбите и до неефикасност и до застој на општествениот развој. Создадовме духовна состојба на безизлезност и дезориентација. За застојот на општествениот развој  и распадот на вредностите, по инерција, придонесе и влијанието на претходниот, социјалистички период, во кој продолжително постоеше дезориентација на општествениот развој и се губеа општествените вредности.

Се разбира, за безперспективната состојба свое приложи и актуелниот позитивизам, и од исток и од запад, што симболично е означена како „жабечка“.

Познато е дека со  големите општествени промени  се менуваат и вредностите на луѓето. Се губат старите и се создаваат новите вредности така што го определуваат развојот на општеството и одвивањето на општественото живеење. Меѓупериодот на менувањето на вредностите, кога отсуствуваат нови вредности односно кога општеството останува без вредности, се нарекува аномија. Денешната духовна состојба кај нас не би можела да претставува аномија затоа што губењето на вредностите, според она што го прикажавме, не е резултат  на вистински општествени промени. Неприродно создадените „општествени промени“, кај нас, имено, ја разнишаа вербата и во трајните општочовечки вредности. Поради што во двостраниот однос на човекот и општество се прекинаа врските на поединците со целината и се уби вербата во другиот човек и во заедништвото. Како резултат на што се срушија критериумите за однесувањето на поединците во рамките на заедницата.

Вредностите со кои би требало да живееме се создаваат во новиот век преку хуманистичката визија на филозофите, застапници на природното право и тие говорат за поинаква суштина на поединецот и заедницата. Според нивната визија, имено, дека бидејќи по својата природа сите луѓе се еднакви, правата во заедницата кои им припаѓат мораат, исто така, да бидат еднакви. Токму затоа и се претпоставува општествениот договор на поединците со државата за да им ги гарантира правата и слободите. Врз основа на оваа визија настанува позитивното право за неприкосновеноста на зборот и на договорот (здружувањето), на домувањето, на преписката, на образованието. Тоа се тежненијата кои се изразуваат и во вредностите на новото време, искажувајќи ги воедно и потребите на времето во кое се развиваат науките.

Наспротив, во социјализмот не се создаде програма за вклучување на земјата во технолошкиот развој и тоа беше една од суштинските причини за неговиот распад. Во позитивистички ориентирата практика и интелектуална клима во СССР се превидоа квалитативните аспекти на технолошкиот развој, сведувајќи ги на квантитативни резултати на производството, на пример, на толку и толку јаглен, на толку и толку бакар и тн. Таква реалност, помалку или повеќе, постоеше и во СФРЈ. Не е потребна длабока анализа за да се согледа дека, денес, во нашата актуелна политика не постои програма со новите аспекти на развојот. Туку дека е  политика на голо одржување на постоечкото. Што ја создава безперспективноста.

А она што најмалку е застапено во општествениот живот е потребата пресретнувајќи го технолошкиот развој да се искажат неговите вистински значења. Пред сé во олицетворувањето на научните сознанија во практиката. Се превидува дека филозофијата  (односно хуманизмот) не е безпредметна туку таа преку критиката на стварноста, што ја извршуваат науките, укажувајќи на тоа што е можно да се изврши а не е извршено, останува да биде реализирано со организација преку политиката и економијата. Што значи, сето она симболично искажано во техниката, како знаење, да биде  оствариво и со организираната активност. И, што е јасно, од што произлегуваат вредностите на новото време. И дека нашето општество е потребно вредносно да ги изрази овие интенции на развојот.  Образованието ги следи овие и вакви процеси. Овие вредности го изразуваат нашето време за новата позиција на индивидуата во творештвото и во однос на државата, додатно, со визијата за природните права на луѓето за еднаквост и слобода.

Иако општеството го оптоваруваат идејни и социјални замки, сите сегменти во општеството покрај образованието и културата, општествените вредности, и медиумите и, политиката, е потребно да се вклопи за да се изнајдат трајните решенија кои носат прогрес и за поединецот и општеството и да се надмине просечноста која ни се нуди во секојдневието. Како императивна обврска.