Јованка КЕПЕСКА

Дали приодот кога се вложени како национални заложби за да се оствари идентитетот на македонскиот народ во слободната држава, означен со квалификацијата национален романтизам, останува и понатаму меѓник за признавањето на придонесите на поединците во нашата културна национална револуција? Дали поединците означени со таквиот квалификатив ќе останат и понатаму пострана во нашето историско паметење и без вистинско признавање на нивните придонеси за националниот развој? Дали двата паралелни правци во пристапот кон нацијата од АСНОМ-скиот период: на пошироко хуманистички националниот и историско материјалистичкиот приод ќе опстојуваат продолжително и денес?

Имено, национал романтизмот е термин кој се поврзува како карактеристика на дејците (не само) во културата, чиј духовен придонес здушно се внесува во развојот во првите години на АСНОМ-ска Македонија, означен како нереалистичен, неспроведлив во стварноста иако станува збор за ограда што има идејна основа пред се во различниот пристап кон изградбата на македонската нација.

Интелигенцијата која ги остваруваше културните активности во постасномскиот период за да се оствари посебноста на македонскиот народ појдуваше од природно-правниот приод. Еднакво застапен во науката како и целовито во културата. Појдовната премиса е антрополошка, имено, дека како поединци припаѓаме на народ и во нацијата која што, следствено, произлегува од народот ја развива народната посебност. Со прераснувањето на народот во нација, науката и уметноста, како обележја на нацијата, ја продлабочуваат идентификацијата на народот. И одигруваат улога во самоидентификацијата на поединците. Што говори за приод со широка хуманистичка содржина и со големи придонеси за македонската култура.

А непобитен факт е дека културата на македонскиот народ, продолжително, се остварувала преку народното творештво и дека опстојувала врз народната основа.

Меѓутоа,  во постасномскиот период културата станува претпоставена и според одликите на општественото уредување.

Во првиот период на Народната Федеративна Република Македонија остануваат граѓанските определби на државата. Иако  временски краткотрајно и за да се овозможи меѓународното признавање на државата. Поради што постои и преодна, граѓанска влада. Донесената Декларацијата за основните права на граѓаните во демократска Македонија на АСНОМ е, исто така, граѓанска определба. Во културната револуција широко е вклучена севкупната интелигенција што била во подршка на АСНОМ – ските определби, за слободна Македонија. Како што во сферата на културата доваѓа до афирмација на авторите кои припаѓале на комунистичкото движење. А ваквите два правци во ангажманот на културното творештво во земјата се присутни во наредниот неколкугодишен период.

Во овој временски период дозволена била приватната сопственост на малосопствениците што е основа за постоењето и на паралелен со комунистичкиот, политички приод. Во такви околности се и барањата на Ченто за задржување на малата приватна сопственост. Така што е овозможен политички живот со разновиден политички приод.

Но, општеството брзо се трансформира, најпрво со првиот устав на Федеративна Народна Република Македонија од јануари 1946 година, и со тоа што се зајакнува неговата социјалистичка основа со севкупната трансформација на сопственоста во државна.

Корените во културниот развој на Македонија појдуваат оттаму и од АСНОМ-ските определби, но и од пристапот според претстојната промена на општественото уредување во социјалистичко. Во културниот развиток на Македонија егзистираат двата пристапа според кои се определуваат припадноста  и значењето на личностите-создавачи.

Токму за македонска култура заснована врз народната основа, од периодот на првите години на постасномска Македонија, настанува поимот за национал романтизмот и со оглед на него оценката на припадниците на интелигенцијата кои го бранат природноправниот приод кон нацијата. И наспротив приодот дека културата се создава само врз литературниот јазик, промовираниот концепт на нацијата со оглед на новото општествено уредување.

Односно уште подоследно, со оглед на доминантниот но, очигледно, редукционистички приод на историскиот материјализам, според кој нацијата е реализирана со устроениот политички систем во повоениот период. И да се афирмираат творештвото и дејците што му припаѓаат на историскиот материјализам и неговите поставки дека општественото битие ја определува општествената свест, оддавајќи примарно значење на општествено-економската структура и на класната борба како основни подвижувачки сили. Приодот што во југословенски размери, означен како теорија на одразот, во 60-тите години, е отфрлен, а во Македонија останува доминантно присутен .

Останува грижата за да се надмине пристапот со кој се смалува значењето на придонесите на плејадата творци во културата во Македонија кои го даваат својот прилог врз асномските определби за осамостојувањето на македонската нација.  Во несудената македонска енциклопедија, со оглед на протежеото на историскиот материјализам на авторите, за да се надмине како неадекватен, пристапот поединците да бидат изоставени или да бидат застапени со осиромашени статуси. Поради што, се чини, дека надградбата на обновената Македонска енциклопедија би требало да биде очекуваниот однос кон неа.