Јованка КЕПЕСКА

Наоѓајќи се пред процеси во кои суштински се определува македонската иднина и преку удел на решенијата на историската и образовната Комисија што се преточуваат во политички одлуки, нашата јавност има  потреба од расправа за нејзините тези и дејствување. Дотолку повеќе што би требало да се очекува дека Комисијата при заземањето на ставовите ги претставува севкупните историски сознанија. А прашањата за автентичноста, континуитетот на развојот на македонскиот народ, на македонскот јазик и релацијата на македонскиот народ со нацијата се разгледуваат интердисциплинарно. Затоа историографијата во анализата на фактите и воопштувањата, почитувајќи ги севкупно сознанијата на науките, се користи и со филозофијата, социологијата, политологијата, меѓу другите.

Приодот за разрешувањето на историските прашања, и не само како сопствен поглед туку, очигледно и како пледоае за дејствување во Комисијата, ги изнесе во пристапното предавање академик Драги Ѓеоргиев при неговиот избор за редовен член на МАНУ. Предавањето беше насловено како „Историографијата во транзиција“.

Во предавањето се појдува од констатацијата дека во нашата историографија не само што изостануваат гледањата од аспект на балканската и светската историографија  туку дека, и покрај распадот на социјализмот, не само што не се надминуваат старите становишта, туку дека се поминува во „ретроспективен национализам“.

Укажувајќи на синтагмите кои што го обележуваат таквиот приод ги наведува: неприфатливоста на гледањето за милениумскиот континиум на македонскиот народ, поврзаноста на народот со територијата и одржувањето на правото на нацијата на територијата во старите граници. И покрај тоа, мораме да укажеме, што важечкиот критериум за државниот суверенитет, усвоен според емпиристичката школа (во почетокот на 20 век), важечки денес во меѓународното право, е етничката територија.

Како што на критика е и ставот за етничката детерминираност на луѓето.

Заклучно, дека историографијата создава неприкосновена историска перспектива заснована врз историски митови и на враќањето кон предците. Наместо да го измени својот контекст и дефанзивна матрица, и да примени критички однос кон минатото и кон ставот дека народите се природно непроменливи појави. Причина повеќе на историографијата за задржување во сопствените рамки е и држењето на македонското прашање на прво место на својата агенда.

За авторот да се преиспитуваат личности кои, иако позитивни, се квалификуваат како негативни, е идеологизиран приод. Иако, очигледно, со ваквиот став е во спротивност со изложената потреба во историографијата за транзитивност од социјализам. Прашање кое се поставува е зошто да се исклучи критиката и на личностите од претходниот период, во дејствувањето и ставовите, вршејќи ја македонската идентификација со идеолошки предзнаци.

Се упатува на примена на нов метод во историографијата во транзиција со оглед на современата епоха означена со научно-технолошкиот развој.

Некои пристапи што произлегуваат од сознанијата на науката и уметноста што ја обележуваат епохата за оваа фаза во развојот на нацијата, сепак, стануваат пресудни.

Во врвната европска филозофија, имено, веќе се поставени, навистина, нови поставки за историското но тоа е со оглед на односот на времето и просторот и што има свое значење во историографијата како метод на надминување, а не преку залагањето за позитивизмот, обележен со карактеристиката на создавач на историското со„жабечка перспектива“.

И оттаму пред „историографијата во транзиција“ останува задачата за  напуштање на едностраниот приод на историскиот материјализам, карактеристичен за историографијата во изминатото време и сеуште актуелен. Кој го изнегира антрополошкиот приод за да се запознава идентитетот на народот и сходно и припадноста на индивидуата на народ, што упатува на корените.

Создавањето на македонскиот народ, според филозофските и социолошките сознанија, е во времето на ренесансата. И бидејќи на овие територии ренесансата рано почнува рано, има и рано создавање  на македонскиот народ. Тоа сознание е според Крсте Петков Мисирков, и не само според него, кога се укажува на раната писменост и кодификација на писмениот јазик на македонскиот народ. Односно за нераздвојната релација на македонскиот народ со јазикот. Континуитетот на создавањето на македонскиот народ притоа не е прекинат и во османскиот период и покрај тогашната општествена организација врз религиозна основа. Затоа што развојот на народот е објективен, економски и културен процес, иако, акад. Ѓеоргиев, говорејќи за османлискиот период, не го апострофира постоењето на македонскиот народ, употребувајќи само христијанско население. Иако доказ се народното творештво, востанијата и друго.

Се превидуваат и двата облика на идентитетот. Првиот, националниот идентитет кој е статичен и е дефиниран и со територија покрај со национална култура и националниот јазик и вториот, културниот идентитет кој е динамичниот и иако се остварува како автентичен со оглед на националните претпоставки, врз него се извршуваат влијанија. Поетот Холдерлинг, претпоставувајќи го токму идентитетот, укажува дека најтешко се остварува сопственото на народот (употребувајќи термин нација, како што помалку вообичаено во западната филозофија се употребува, по инерција, поради употребата на терминот нација за етнос при преводот на античките творби, на латински јазик бидејќи во јазикот нема термин за етнос) како и сопственото на личноста. Па оттаму е јасно дека идентитетот на македонскиот народ постојано се освојува како суштински процес на творештвото и изразување на афтентичноста, идентитетот, преку науката и уметноста.

Македонија уставно е унитарна држава па се очекува тоа да се искаже и евидентно, дефинирајќи ја државата како македонска, културата како македонска, македонски јазик како национален јазик, националните инстируции како македонски, не негирајќи го притоа идентитетот на етничките малцинства. А се говори за мнозинство и малцинства не неидентифицирајќи. Во исто време кога во хрватскиот, сосема оправдано би рекле општествен пристап, базиран врз филозофските претпоставки за народот и вистинското надминување на старите гледања за развојот на општеството, се применува идентификацијата на хрватската држава, хрватската култура, хрватскиот како официјален национален јазик и хрватските институции. Онака како што програмски, искажано и во легислативата и Европската заедница е ориентирана на заштитата на народите и нивните идентитетски обележја и прераснува истовремено и во заедница на народите, надминувајќи го нивниот политички облик на постоење (нацијата).