Јованка КЕПЕСКА

Колку и да го осудуваме очигледното актуелно несправување со потребниот развој на земјата објаснувајќи го, притоа, со други моменти какви што се незаинтересираноста, безидејноста, бирократизираноста, корупцијата, незнаењето и друго, останува фактот дека е тоа последица на еден создаден пристап кон стварноста. И што е најважно тоа е пристап кој не останува само како актуелен туку како важечки. Како таков останува и понатаму.

Затоа мора да се обрне внимание за силите кои се доносители на таквиот пристап за да се знае и што би можело да се очекува како ефект во развојот на општеството. Фактички, се работи за различни односи во дејствување. Од една страна, за оперативност, како што се нарекува, и од друга, пристап во дејствувањето со оглед на суштината на стварноста.

Оперативното дејствување значи живеење од денес за утре. Бесперспективност. Што создава незадоволство и апатија. Умртвеност. Таквиот пристап, иако го дефинираме само политички, и иако најпредоминантно е вгнездено во политичкото водство, е пренесен на општеството.

И чија последица е економското назадување, рапидното паѓање на животниот стандард, несоодветното функционирање на институциите, колапсот на сите општествени дејности, земјоделието, здравството, школството, правната заштита и над сé разводнувањето на политичкиот идентитет на македонската нација е резултат на начинот на кој политичкото водство приоѓа во својата активност и од што произлегува и односот на сите нас, исто така.

Токму затоа можеме да го извлечеме и заклучокот дека она што нé оптеретува и нé оневозможува во вистинскиот напредок како земја и како заедница е самиот пристап кон нештата. Не треба да го негираме ова прашање, овој аспект за развојот. Затоа што од правилното пристапување кон овој аспект или момент токму зависи и надминувањето на тапкањето во место и на „купи ден – помини“. И што ни покажува дека во тоа не може да се состои развојот.

Позната е бирократизацијата која се изврши во социјалистичката Македонија. Односно неживеењето со реалните проблеми на луѓето и во целост и со реалноста воопшто. Тоа се искажа и во говорот кој стана испразнет од суштина. И без оглед дали станува збор за говорот на науката, уметноста, јавност, се искажа како тенденција за позитивистички решенија и схоластичен, фразерски дури и административен говор. Впрочем, како карактеристичен за целиот свет на социјалистичките земји и во крајна линија причина за неуспех на социјализмот (комунизмот).

Но нé следи и соодветниот присутен процес на западниот позитивизам познат под изреката за моќ како на „жабечка перспектива“ да го определува текот и на нашиот развој. Како одржување на постојното што е и вистинската одредница за конзервативизам. За неотворање на перспектива. За дејствување без визија, и за вистинско придвижување. Нешто што единствено може да се постигне со надминување на испразнетоста на денешното време кое смислата на нештата ги препознава по она што се тие, како што се вели, како реално секојдневие. А во таквото секојдневие стварноста се гледа без навлегување во суштината. Фактички инструментарилизирано, прагматично, односно дека на волјата на чиновите не може да му се отргне ништо што опстои и дека сé мора да му служи. Така недостасува рационално водство на државата за да се создаде атмосфера за решенија за вистински напредок на луѓето и на земјата.

Некои се заложуваат за повисоко вреднување на идеолошкиот аспект. Но веднаш да се каже дека идеолошите пристапи ништо добро не постигнаа во било кој историски облик и да беа пројавени – комунистички, националсоцијалистички како и редица конзервативни пристапи во различни облици.

Затоа денес, кога епохата ја одбележуваат други параметри какви што се науката, естетиката, несоодветно би било заложувањето за идеолошка свест која е парцијална свест. А со самото тоа несоодветна како проекција на интереси од една група за да се прикажат како потреба и интереси на целото општество. Оттаму неприфатлива за целото општество и, дефинитивно како искривена свест. Свест која не одговара на научното доба кога остварување на вистината би требало да биде претпоставка за реализација на политичкото дејствување и за успехот на развојот.