Јованка КЕПЕСКА

Колку што поетското и прозното дело на Кочо Рацин, широко познато во јавноста, говори за неговата уметност толку неговата публицистичка дејност истозначно говори за неговата интелектуална и творечка длабочина.
Силината и валидноста на Рациновите ставови во теоретските расправи, иако настанати во определени општествени и политички околности на своето време, го задржуваат високото значење и од денешен аспект.

Во периодот пред Втората светска војна, со директни или писмени контакти, Кочо Рацин, имено, остварува многубројни врски со левицата во Белград, Загреб, Сараево, Љубљана. Учествува покрај со книжевни творби и со теориски есеи во најразличните списанија од сферата на културата и уметноста.

Значајни се ставовите што ги застапува при сударот на страната на книжевната левица како резултат на критичка анализа на естетските дивергенции кај авторите во триесеттите до четириесеттите години на минатиот век, поместени во многу книжевни и, од сферата на културата, часописи. Тоа се списанијата Израз, Млада култура и двобројот 8-9 од 1939 година на Печат во кој Мирослав Крлежа го објавува својот одговор на нападите, насловувајќи го како Дијалектички антибарбарус. Додека целокупната полемика е објавена во Книжевне свеске, 1940 година.

Станува збор за дискусијата за уметничкиот реализам. Дискусија која следи, под влијание на надворешни и внатрешни фактори, на контраверзите за филозофските проблеми на дијаматот односно за Сталиновата интерпретација на историскиот и дијалектичкиот материјализам и за позитивизмот. Кога во СССР, кога дијаматот се претворил во пресвртен облик на сфаќањето на дијалектиката, Хегеловата дијалектика станала проскрибирана проблематика. Но, на југословенските простори, објавена е Хегеловата „Логика“ со коментари од Д. Неделковиќ, во фуснотите на делото, кој белешките ги направил според Филозофските тетратки од В. И. Ленин. Ваквата реафирмација на значењето на Хегеловото поимање на дијалектиката овозможила плодна теориска критика на историскиот и дијалектичкиот материјализам што се простирала и на полето на културата, уметноста и книжевната критика.

Во општата дискусија Кочо Рацин учествува со два печатени есеи за Хегел (Хегел, објавено во Литература I/6, 1931 год. во Загреб и значај Хегелове филозофије, Млада култура I/2, 1939 год. во Белград) чувствувајќи ја речиси изненадувачки, така да се каже, прв и меѓу ретките, потребата теоретски да ја реафирмира и интерпретира Хегеловата дијалектика и нејзиното значење за сфаќањето на дијалектичкиот материјализам, како сфаќање за самодвижењето на историјата и самосоздавањето на човекот.

Став кој има големо значење со оглед на тоа што дијаматот бил во функција на трајно обдржување на постоечкиот општествено-политички систем во СССР.

Во останатите есеи Кочо Рацин јасно се зазема и за релевантниот, но тогаш и негиран, став за односот помеѓу филозофијата и науките. А она што е значајно за македонската интелектуална историја е дека применувајќи го филозофско-научниот метод тој ќе ја изврши, анализата на македонското национално прашање, на македонската литература, на идентификацијата на македонскиот народ преку уметноста и литературниот јазик, на богомилското движење и др.
Како што за далекувидоста на неговите гледања говорат неговите ставови за отвореноста спрема културата создадена низ целиот развиток на човештвото и дека новата култура треба да се јави со природниот развиток на оние резерви од знаења што ги создало човештвото досега. Во таа смисла тој го истакнува значењето на Гетеовиот Фауст, воодушевувањето од Бетовеновата музика и од Хамлет, воздигнувајќи ја македонската народна песна на исто рамниште. Односно дека негирањето на ваквите вредности произлегува од старите, одамна погребани, на пролеткултот, ставови. Кај него јасно е искажан противстав за приоѓањето кон уметноста со методот на вулгарната социологија односно против вулгарниот економско-социјален детерминизам во уметноста.

Затоа вели „вистинската уметност го окрива нејзиниот длабок спознајно-културен елемент“ оттаму слободата на уметничкото творештво е суштината на (новиот) реализам. Уметноста на уметникот, според него не може исклучително рационалниот приод да ги создаде. Рацин вели: „За нас што ја слушаме музиката, внесувајќи се во неа и преживувајќи ја нашата народна песна и не стигнува до разумот“. А потоа „само увото и срцето на оние што ги преживеале (тагата и радоста – н. з.) можат да ја дочараат таа потајна, скриена убавина (на македонската песна – н. з.).“ Изразите „проста“ македонска песна и „песната е наша молитва“ се од Кочо Рацин. Тоа се ставовите изложени во неговите есеи: Развитокот и значењето на една наша нова книжевност, Раднички тједник, I/23, 1940 год., Загреб; ракописот Уметноста и работничката класа; Блазиране глупости о осмеху Мона Лизе, Уметност и критика 1-2/1939 год., Беград; ракописот Македонската народна песна; Анђелко Крстић пред судом Ж. Пламенца Уметност и критика 3/1939 год. Белград; Реализмом на Анђелко Крстић и Скидање маске, Књижевни круг, I/5, 1932 год., Белград.

Многу внатрешни и меѓународни фактори, сепак, придонесле да јакне ортодоксниот однос во филозофијата и сфаќањето на уметничкиот реализам како противстав спрема секаков обид за активно коегзистирање на прогресивната мисла со протагонистите на современата граѓанска култура во времето пред и за време на војната. Затоа што влијанието на сталинизмот врз нашите сопствени глави, ако под сталинизам подразбираме еден стил на мислење, и продолжување на интернационалниот долг на мислење спрема СССР, продолжено опстојува. Поради теоретските разлики, се јавува опасноста да не се раздвои движењето а со тоа да се смали отпорот и да се оневозможи акцијата во пресуден политички момент во очи на Втората светска војна, движењето било ангажирано на зацврстувањето на сопствените редови така што и безначајна идејно-филозофска аберација која може да направи компликации во социјално-политичката борба и да ги разгори страстите, ја третира како загрозеност на највиталните интереси на монолитноста и борбената мобилност на движењето и партијата. Друго е прашањето дали тоа морало да се случи онака како што се случувало.

Дали поради ехото од заземената страна во однос на книжевната левица, што во основа имало политичко обележје, делумно лежи и одговорот за проблематизираниот крај на животот на Кочо Рацин, како една, без отстапка, интелектуално длабока и, човечки, супериорна личност?