Јованка КЕПЕСКА
За стратегијата на нашиот иден развој, како основа, се претставува таканаречениот идеен проект, како и во секој научен проект. Но, како што и при секое ново за да се случи во стварноста најпрво стои идеата или стварноста се појавува во идеа. Се претпоставува и како услов при конципирањето на најавената Стратегија на развојот до 2050 година.
Да нема дилеми идното го претставуваат реалните тенденции што постојат во стварноста за да се развијат за иднината. Тенденциите се препознаени во теоријата и истовремено се покажани правците за разво и нивната присутност во развојот на светот. Што значи развојот се заснива врз филозофските и научните осознавања на современиот свет. А современиот свет е означен како хуманизам. Хуманизмот е севкупнот процес во кој филозофијата се преточува во стварноста и оттаму хуманизмот како самата стварност на денешницата.
Процесот на преточувањето на филозофијата во стварноста најпрво се извршува преку науките. За некои од филозофите тоа се основните науки (според традиционалната поделба на науките), но процесот на поделбата на науките огромно се проширил. Процесот на филозофското преточување во стварноста е истоветен. Во актуелниот свет примената на науките во стварноста го направиле својот учинок. Така, од најапстрактното (филозофското) мисловно ниво, мислењето станува конкретно, значи научно ниво кое покажува што е тоа можно да биде остварено во стварноста а не е извршено. На крајот, политиката и економијата спознатото го спроведуваат во дело. Филозофските, социјалните, економските и политичките науки ги препознаваат законитостите во развојот на стварноста. Развиени се и филозофските и научните дисциплини кои се бават со научно-технолошкиот прогрес како суштински мотор на развојот. Оттаму, современиот свет е оствареното научно сознание. Затоа науките не поучуваат како да го извршиме нашиот развој .
Научно-технолошкиот прогрес е развиен врз политичката економија затоа, во основа, е создаден врз квантификација. Броењето го означува современиот свет, вели Мартин Хајдегер, најзначајниот современ германски филозоф. Имено, најважниот момент е дека скратувањето на времето за производење е чинителот на самиот развој. Сî што го зголемува учинокот во пократко време е чинителот на развојот. Притоа материјалните чинители, или објективните процеси, не се единствените, туку учинокот го создаваат и безбројните општествени чинители, меѓу кои спаѓаат организациските. Оттаму и назнаката технолошки развој кој освен техниката ја претпоставува организацијата. Светот, денес, е (нај)организиран за да постигне заштеда на времето. Научно се изучува секој сегмент од стварноста, оттаму бескрајната поделба на науките. Енергијата во произведувањето на учинокот ја создаваат и општествените чинители, какви што се потребните трансформации во широката општествена организација меѓу кои се подразбира политичкиот систем и правото. Станува збор за општествените трансформации кои се чинат за да го ослободат еланот и енергијата во општеството и развојот на индивидуата за нејзиниот придонес во развојот. Потребно е само да се замисли колку, вкупно, може да биде учинокот на одделните индивидуи во развојот ако општеството е заснивано врз индивидуалниот придонес. Оттаму и грижата за материјално претпоставените поставки за да се овозможи ослободувањето на индивидуалниот придонес во развојот преку образованието, културата, изборот на типовите на производство, алокацијата на средствата икадарот, популационата политика, демократската организација на општеството, надворешно-политичките односи а се претпоставува и националното ослободување и реализација на националното и личната етничка идентификација.
Како хуманизам светот се изедначува. Мартин Хајдегер, укажува дека таквиот процес ќе потрае наредните четири века.
Но големата тема за пресвртот останува незаобиколлива. И дека во процесот на реализацијата на хуманизмот се извршува и самиот пресврт, односно свеста да не отстојува од стварноста. Стварноста да станува освестена стварност или дејствување, кое воедно е во мисла и во реализација. Стварноста произведена според спознатото и во соответната форма.
Идејниот проект на Стратегијата за развој на Македонија во наредните децении ќе биде секако поставен врз веќе развиеното достигнато филозофско и научно сознание. Мора да се почитуваат фазите на технолошкиот развој и нивните карактеристики што ги одбележуваат и облиците на потребната економска стуктура, профилот на потребниот кадар, организациските облици во стопанството, соответната политичка организација на општеството, соответното право, па да се прогнозираат конкретните чинители на развојот, какви што се прогнозата за сеопштиот општествено-економски раст, одделно на науката, образованието, културата, популациската политиката, социјалната политиката, и мноштвото други.