Јованка КЕПЕСКА
Со грутка во грлото зборуваме за губитокот на нашето културно наследство во минатото што се случило на различни начини со присвојување од нашите културни светилишта, најчесто во манастирите и црквите. Познат е историјатот на исчезнувањето на нашето интелектуално богатство, од манастирот Трескавец, од црквите во Охрид, ширум нашата земја, како и на артефактите од археолошките ископувања и друго е познат. Последиците се дека со погроми или преку лесномислен поткуп на поединци, се изместени од своето природно место огромен број книги и артефакти за да бидат пренеени во културните центри во светот. На таков начин, осиромашено е нашето духовно богатство, од искона до денес, како сведоштво за нашиот севкупен идентитет. Предизвиците по наследството, секако, постојат и понатаму и тоа и во најразличните облици, вклучувајќи ги и воените.
Оттаму и потребата од зачувувањето на нашето културно богатство користејќи ги токму современите начини на чување и заштита. Грижата за културнотонаследство се проширува освен како обврска на институциите кои се официјално задолжени, на правното и безбедносното регулирање на заштитата и на моралната одговорност на поединците за заштитата на наследството покрај широко претпоставената активност на домашните и меѓународни организации. Очекувајќи нивна меѓусебна кооринираност.
Затоа и содржински, заштитата на наследството, е многуслојно. Особено е значајно што се подвлекува улогата на поединците во заштитата на наследството. И потребата за нивното проактивно дејствување така што институциите ја преземаат и задачата за јавно образование и обучување во таа насока.
Така, освен самото зачувување на знаењето, артефактите и живите случувања, во мисијата на културните институции се опфатени и општото едуцирање за заштита на наследството покрај економските, правните и безбедносните компоненти.
Мораме да се потсетиме на примерите на лично вложување во заштитата на нашето наследство. кои иако поединечни, во минатото, импресионираат.
Директорот на предвоената Универзитетска библиотеката во Скопје д-р Георги Шоптрајанов, познавајќи го значењето на пишаното наследство за македонскиот народ, во очи на воениот судир од 1941 година, успеал да ги спаси од уништување старите книги од вековите наназад а главно книгите на просветителите и преродбениците, но и иконостасот од црквата св. Спас од Скопје, пренесувјќи ги на чување во црквата св. Димитрија, во близина на Велес. Се разбира, има и други заслужници со такви активности. Останува и сите ние, како поединци, дека, денес, сме еднакво значајни и одговорни, заедно со сите други учесници, да ја покажеме нашата грижа за заштитата на културното наследство, подигнувајќи ја сопствената свест. Како што и културните институции што е потребно да ја пружат едукацијата од своја страна.
Се одржува европската недела за заштита на културното наследство и се одржуваат значајни настани, манифестации и договори од сферата на заштитата на наследството и во Македонија.
Една од нашите најзначајни културни институции, каква што е Народната и универзитетска библиотека, „Св. Климент Охридски“, која, покрај тоа што е ризница на знаењето, на македонската мисла, но и на светската продукција, во улога на чувар на наследството, ја одржува својата Прва меѓународна конференција за културното наследство, со широко претставување на претставници на национални и меѓународни организации од различни земји. Тие укажуваат на искуствата од различните нивоа на заштитата на наследството. Она што е најважно е да се проследат најсовремените методи кои се применуваат во заштитата на наследството, согласно научните методи и технологии, покрај етичките, правните аспекти и управувањето со процесите и меѓународната соработка. Се однесуваат на превентивната заштита, на зачувувањето во дигитална форма, и на новите облици на користењето на изворите на културните богатства. Самата Библиотека, следејќи го, навистина, својот голем ентузијазам, веќе воведува дигитализација и мултимедијални методи на користење на изворите што постојат така што веќе многу набргу ќе ја отвори, сопствената посебно опремена читална.
Народната и универзитетска библиотека на таков начин ја зајакнува својата улога колку во зачувувањето на интелектуалното богатство толку и во ставањето на постоечкото богатство во функција за следбениците ширум Македонија и светот. Одржувајќи ја меморијата за долготрајноста на македонскиот народ преку извонредните дела од Кирило-Методиевскиот период и вековите непосредно потоа како и од, книжевноста, уметноста и науката, од вековите на македонското преродбеништво, 17, 18, и 19 век и, секако, од 20 век. Истовремено, чувајќи ги и документите на големте идеали на македонскиот народ, станувајќи на тој начин центар на образование, култура и наука поврзувајќи ги генерациите. Еден од најзначајните центри на македонската мисла и култура, за учење и инспирација.