Јованка КЕПЕСКА
Македонската нација, најмногу во уверувањата, измести многу асномски начела за односите на македонскиот народ со малцинствата. Иако и со Рамковниот договор, а и со последните промени на Уставот, кога се воведе категоријата малцински заедници (според американска практика), што во Преамбулата на Уставот беа означени како делови од народи наспроти одредбата во европските конвенции во кои за делови од народи се претпоставуваат и внесени етнички територии во државата, се застапува унитарниот карактер на државата што ја претпоставува македонската нација.
Но, во дел од политичката сфера, со оглед на сопственото поимање на мултикултурно општество, отпочна, и не само вербално туку и во политичката практика, да се пројавува барање за политичко претставување на малцинствата во државата. Дотолку повеќе што е влезено во практиката зборот нација да се употребува истоветно за етносите што живеат во Република Македонија. Создавајќи конфузна состојба македонската нација да биде „нација составена од повеќе нации“. Оправдувајќи со наводната потреба за ширење на демократска практика.
Несфаќајќи дека мултиетничкото општество е базирано врз индивидуалните, и етнички, права на граѓаните од различните етнички малцинства. Но, не и групно политичко застапување на различните етнички заедници во организацијата на држава а оттаму и во разбирањето на нацијата.
Затоа што само по себе се подразбира дека македонската нација е создадената политичка заедница врз граѓански принципи. Што, иако е нација на македонскиот народ, ги претпоставува етничките малцинства и нивните културни права, во нејзиниот состав. А врз културни основи ги претпоставува и врските што малцинствата ги имаат со матичните земји.
Оттаму унитарниот карактер е консеквентниот пристап кон организацијата на македонската држава што произлегува од историскиот развој на македонскиот народ и неговата борба за создавање на македонската нација и на македонската држава.
Во повикот за Илинденското востание за борба и остварување слобода, остварувајќи најнапреден облик на државна организација, каква што е републиката, е претпоставен граѓанскиот карактер, впрочем, како што е, истоветно, и во одлуките на АСНОМ. Повикот на Македонците до Турците, Власите, Албанците заедно да го подигнат Илинденското востание, врз кој се засноваат актуелните релативизации во сфаќањата, спротивно ги претпоставува различните етнички идентитети во рамките на македонската нација и за создавање на македонската држава. Македонската нација е резултат на историската потреба на македонскиот народ за политичка заедница и го покажува третманот на македонскиот народ како репрезент на политичката заедница, еднакво искажан како третман во Повелбата на ООН, во конститутивните акти на ЕУ и, особено, во Рамковната конвенција за етничките права, од 1995 година.
Остварувањето на различните етнички, културни, јазични и верски идентитети, како права и слободи на припадниците на малцинствата, го претпоставува правото и почитувањето на територијалниот интегритет и национален суверенитет на државата.
Ваквата смисла на односите на народот и етничките малцинства дефинирана во Рамковната конвенција за заштита на националните малцинства, е токму интеграцијата на етничките групи во општествата, преку толеранција и меѓуетнички дијалог со почитување на единство на различностите. И сите документи што се однесуваат на оваа проблематика, какви што се конвенциите и декларациите на ООН; документите на Конференцијата за европска безбедност и соработка особено документот од Копенхаген од 1990 година, се заложуваат за ваквите настојувања.
За да се надминат грдите облици на дезинтеграција во македонската нација, во последно време, ВМРО ДПМНЕ се заложува преку девизата „општество за сите“. Сведување на етничките заедници на етничките права, на јазикот, на образованието и на културата е републиканска девиза, според социологот Талкот Парсонс, а која се однесува на политичката функционалност на општеството. Наизглед со исти цели СДСМ се застапува за максимата „едно општество за сите“. Нажалост во политичката практика се спроведува како еднакво политичко застапување на етносите во државата.
Би заклучиле дека неразјаснувањето и непочитувањето на нормативните релации на нацијата со националните малцинства води до дезориентација во свеста а оттаму и до несакани трендови за распаѓање на македонската нација. А како последица можат да се јават и отстапувања во нормирањето на односите, да не говориме за пројавените или за пројавување на претензии во политичките пледоаеа. Што сé заедно води кон дезорганизација на македонското општество, што е на чекор и до дезинтеграција. Интегративните процеси што треба да се одвиваат врз основа на нормираната основа на македонското општество е заложбата што би се очекувала туку повеќе од неопходна.