Јованка КЕПЕСКА

Честите недоразбирања околу значењата на поимите етничка и национална територија и на националниот суверенитет создадоа неадекватни аспирации во политичките пледоаеја но и решенија во политичкиот систем во македонското општество.
Отвореното говорење за овие прашања беше ставено, од друга страна, во сферата на претпазливоста од идеолошко етикетирање за конекција со расистичката теза за поврзаност на „тлото и крвта“. Иако, и формално правно, нацијата е заедница која е територијално определена и од што произлегува територијалниот интегритет и на нацијата и на државата.

А природноправниот приод правата на поединците и народите, во основните акти за човековите права на ООН и на Европската Унија, ги определува правата за националното самоопределување и за националните малцинства во државите, појдувајќи од фактот дека, освен како поединци, ние припаѓаме и на народ. Како што и реалниот процес на долготрајните многуфункционални врски на определената територија ја создала и природната поврзаност на народот со територијата. Затоа етничката територија не може да се искаже како географска. Таа е етничка територијата затоа што народот е создаван со оглед на неа како посебност.

Тој процес на создавање на новите народи, порано или покасно, е отпочнат во ренесансата при што ренесансата во Македонија е многу рано отпочната со книжевноста и писменоста во 10 век и црковната уметност (да се потсетиме на „Оплакување на Христа“, Нерези, 12 век) која на овие простори е прекината во 14 век. Што говори дека почетоците на создавањето на македонскиот народ се поместуваат многу рано.

Како што е познато, во подоцнежните историски процеси, со развојот на политекономските односи на крајот од 18 и во текот на 19 век, се конституираат нациите претпоставувајќи ја и националната територија. Која, поради карактерот на политичките односи и територијалните претензии при настанувањето на нациите, често отстапува во опфатот на етничката територија и е проследена со асимилација на народи или на делови од народи.

Принципот за признавањето на државите, што во меѓународното право го внесе емпириско-позитивистичката теоретска ориентација од почетокот на 20 век, е оттаму, националниот суверенитет. На таков начин националната територија станува конститутивен (политички) елемент на формираната држава. Елемент за нејзина одбрана, како за одбраната на нејзиниот територијален интегритет.

И јасно е дека жилавоста на етничкиот елемент во европски рамки, во САД, и воопшто, ја покажа потребата, историски и актуелно, дека секој народ ја има за да ја артикулира сопствената посебност во одвоена држава или, доколку, деловите од народите се наоѓааат под суверенитетот на други држави, да ги обезбеди етничките права во нејзините рамки.

Оттаму таквата реалност на постоењето на делови од народи надвор од матичните држави, во рамките на периодот на т. н. „детант“, ја наметна потребата да се регулираат правата на националните малцинства, под суверенитетот на други држави, во европски рамки, со Завршниот акт на конференцијата за европската безбедност и соработка, во Хелсинки, 1975 година. За да не дојде до прекројување на границите и припојување на деловите од народите кон матичните народи, што го претпоставува и припојувањето на нивната етничка територија кон матичните држави, се афирмира, принципот на неповредивост на границите на државите. А Рамковната конвенција за заштитата на националните малцинства од 1995 година, ги задолжува државите да ги гарантираат правата на етничките малцинства како и, евентуално, да ја определат територијата на која тие ќе се практицираат.

Колективните права, вклучувајќи ги правата на облици на политичка самоуправа, на националните малцинства го претпоставуваат, навистина, и живеењето на повеќе припадници од еден народ на определена територија во нематична држава како и за деловите од народите врз сопствена етничка територија. Меѓутоа колективни права се регулираат и за етнички припадници кои се населени во нематични држави, поради глобалистичките миграциони процеси или како резултат на некои други процеси.

Потребно е да се спомене дека и интенцијата на Европската заедница е да прерасне во заедница на народите. Како постапно отпочнат процес врз определени и позитивно-правни принципи.

Бидејќи во Република Македонија нема етничко население врз внесена етничка територија, приодот во регулирањето на индивидуалните и колективните права на ова население е врз признавањето на правата како на национални малцинства и со што се претпоставува територијалниот интегритет на еднонационалната, македонската држава.
Иако, актуелно, постојат различни состојби во различни општества.

Па, на пример, малцинските права на етнички припадници какви што се правата на школување, говорењето на сопствениот јазик и друго, на Англичаните, Французите, Германците и други, им овозможува и Грција. Но не им ги признава националните права на малцинствата кои под нејзин суверенитет опстојуваат како делови од народи и врз сопствена етничка територија какви што се Македонците и Албанците.

Тоа е принципиелниот однос кој ние, како Македонци, согласно европските норми, го застапуваме за односите во македонската држава и во однос на овозможување на статусот на правата на нашите делови како народ, во соседните држави.

Затоа што, да подвлечеме, етничката и националната територија, како и територијалниот интегритет на државата, не се категории само од схоластичка природа иако за нив има јасна теоретска определба и именување. Туку, дека со оглед на доследното определување на правата што произлегуваат врз основата на националниот и државниот територијален интегритет, се градат мирот, сигурноста и правдата, го обезбедуваат трајниот развој во самото општество но и ги определуваат пријателските односи и соработка помеѓу државите.