Јованка КЕПЕСКА

Кај Хегел, во неговата Филозофија на историја, народите кога ќе постигнат определен развој за да создадат апстракција во сознанието за својот јазик, создаваат граматика. Тоа не води кон разбирање на процесот на конкретните стапки на македонскиот народ во создавањето на апстрактното сознание за сопствениот јазик во вековите, наназад. И тие стапки, во помала и поголема мера, беа прикажани при завчерашното одбележување на 80 годишнината од прогласувањето на македонската азбука и правопис.

Тоа се стапките на создавањето на научното сознавање на македонскиот јазик. Самото создавање на научното сознание, што и е апстракцијата, е подигнување на сознанието на ниво на законитост. Што, како епилог, го заокружува значењето на литературниот јазик како осознаени законитости и за македонскиот јазик.

Иако постојат, покрај ваквото, и други ословувања за литературен јазик, на пример, како за литерарна форма на јазикот, како за негова пишана форма односно за негова примена во неговиот пишан облик, а, еве, последно и како за стандарден јазик.

Последниот назив сака да упати на подигнување на сознанијата на ниво на јазични норми кои се „кодифицирани“ на ниво на законитости. И оттаму мислењето дека за „кодификацијата“ на македонскиот јазик биле нужни институциите, односно, државата, за да ја овозмож кодификацијата.

Единствено, сепак, што од аспект на социјалната теорија би било објасниво, е фактот дека политичките институции, односно државата, ги создаваат општествените услови за да може литературниот јазик да ја постигне својата можност за оптимален развој. Не, и за да се разбере и како нивно, на државата и на политичките институции, како прогласување на литературниот јазик. Во таа смисла АСНОМ донел решение за прогласување на службената употреба на македонскиот јазик. Не и за прогласување на македонскиот литературен јазик чие уточнување е дело, пред се, на професионално обликуваните придонеси.

Прашањето на литературниот јазик, единствено, останува прашање на науката, односно на осознаеноста на јазикот. Во таа смисла може да се говори за основите на јазикот со оглед на неговото писмо, правопис, граматика, речници а неговиот развој да се претпостави со оглед на објективниот процес. Оттаму и во развојот на македонскиот јазик имаме повеќе правописи, повеќе граматики, повеќе речници, како што сме имале и повеќе писма во историскиот развој на јазикот. И севкупно зависно од развојот на самиот јазик и од сознанието за него.

Тоа е патот на науката што го следи и патот на развојот на науката за јазикот и неговата категоријална апстракција, во форма на наука за јазикот и како негова најапстрактна форма, во форма на филозофија на македонскиот јазик, што се суштествени и при создавањето на стратегијата која се однесува на македонскиот јазик. Таа мора да ги изрази темелните приоди за македонскиот јазик, изградувани постепено, во неговиот историски пат, иако, можеби, и во определени општествени околности за кои социјалната теорија и не посветила доволно внимание, а потребно е, кои ќе ја изразат сета негова претпоставена можност и богатство во развојот. Да се постават и конкретните општествено-политички односи во одделни периоди и застапување на одделни темелни приоди и во однос на македонскиот јазик па и вреднувањето на одделни придонеси за јазикот. Тоа се и моменти со оглед на кои се изградува смислата на стратегијата за развојот на македонскиот јазик. Што е воедно и нејзин предизвик.

Очигледно, претстојат големи ангажмани, и од многу аспекти, пред науката за македонскиот јазик за да се овозможи развојот на науката за јазикот а, оттаму и на самиот јазик.

За некои од нив и ние ќе се произнесуваме.