Јованка КЕПЕСКА
Во последно време се потенцира приодот од аспект на идеолошкиот супстрат на партиите било при нивното профилирање како партии, било со заложбите определена суштина да се оствари преку разрешување на општествените прашања. Нешто што и во едниот случај ниту во другиот, во нашето општество не е препознатливо.
И историски гледано, парламентарниот систем во основа функционирал преку партии на власт и како нејзин противстав, во форма на опозиција. Со оглед на што се определувало и местото на седењето во парламентарните клупи, на лево или на десно. Со оглед на местото на седењето, парламентарните групи се именувале како леви или десни партии.
Во времето на комунизмот, меѓутоа, идеолошката определба на партијата станува предоминантна определувајќи ја, воедно, идентификацијата на одделните партии како леви и десни. Асоцијативно, како прогресивни (напредни) и конзервативни (назадни)
Во времето на науката, кога знаењето предоминира, реално е да се претпоставува дека применувањето на науката што соответствува да биде очекувано и за политика во разрешувањето на општетвените прашања. Односно, би се очекувало партиите да се заложуваат за успешно водење на политиката врз основа на знаење. И, како основно, притоа, да се спроведуваат решенија за добробит на целото општество. Не, како решенија за делови од општеството, какви што суштински претпоставуваат идеологиите.
Токму затоа, во реалната политичката практика, и се создава впечаток дека и нема строга „идеолошка“ поделеност на партиите. Всушност, заради политичкиот ефект, тие претендираат на приод кон целото општество и врз реалните потреби за сите луѓе. Дејствувајќи врз објективни сознанија.
Свесни дека несогледувањето на реалноста, применувајќи го таканаречено идеолошко „издигнување“ над реалноста, гласачкото тело ги казнува, скратувајќи им ја можноста да учествуваат во донесувањето и извршувањето на општите одлуки.
Еднакво како што ги казнува и поради нивната тромост и неажурност.
Што произлегува како резултат на „склеротичноста“ на политичките гледања, „гледајќи од канцеларија“ при осознавањето на стварноста. Поради што и не се добиваат признанија и потврди во општеството, и не само историски, во минатото на комунистичките партии кои не успеваа да создадат стратегија за развој во новите услови на научно-технолошкиот развој и за нивното дејствување и во западните земји. Последно, и концептот „богато општество“, поврзан со политичката програма на социјалдемократијата, како да е во залез.
А познато е дека закоравениот (догматски), идеолошки пристап кон општеството го оневозможи развојот со оглед на променетата стварност во минатиот наш развој. Ограниченоста во темелниот приод кон стварноста оневозможи да се согледа реално стварноста и да се изгради релевантна стратегија за заземање на власта на „левите“ партии во капиталистичките земји. Но, најнегативното е што го стагнираа развојот на општеството во многу социјалистички земји. Левите партии затоа го изгубија своето значење не само во претходниот период но, како изгледа, истата судбина ги следи и денес.
Едно од прашањата на кое левите партии, во својот идеолошки приод, не се осврнуваат, не само историски туку, помалку или повеќе, и актуелно, е прашањето на нацијата. Кон прашањето на нацијата се пристапува според надминатите теоретски опции, како кон решено прашање. Локално, но и во рамките на интернационализмот.
Во светски рамки, денес, за одвивање на глобализацијата, застапена истоветно тезата дека националните граници се препрека за одвивање на процесите.
Како што се дезавуира и проблематиката за творечкото значење на народите, опстојувајќи само на политичкиот карактер на заедницата, каква што е нацијата. А, денес, токму концептот за сета исполнетост на народното, е прифатен, и тоа не само во рамките на ЕУ, која програмски станува заедница на народите, туку и во светски рамки.
Во филозофијата и во науката прашањата за народот и за нацијата, како реалност, се разјаснети. Оттаму, се поставува прашањето зошто ваквите прашања како и прашањата за материјалната позиција на човекот се претпоставуваат само како прашања само за една партија но не и за друга. Односно, зошто тие да бидат прашања што стануваат грижа само за еден дел од општеството, претставено преку една партија или една ориентација, а не и за општеството во целост? Како пристапи од јасно, надминатите идеолошки гледања.