Колумна на Драган Павловиќ -Латас за ВЕЧЕР

За почеток, мнозински ќе се согласиме, дека сме во држава, куќа, која преживеала тешко оштетување – од темелите до животот во неа. Убедливо мнозински избравме мајстори за санација, и работата тргна. Како и секаде, на оној што ја има маката во куќата му се брза, на мајсторите им е важно да биде куќата стабилна, безбедна. Да трае, да се види мајсторијата. Некогаш, тоа изгледа бавно но, крајот е блиску и саглам куќата ќе ја биде. Ни малтер не се реди за саат, ни руина од куќа се оправа за ден.

Се чека санација на темелот. А темелот е нагризен од корупција. Би требало да се знае кој ќе биде нов Државен (Јавен) обвинител наместо Коцевски. И, набргу потоа, кој ќе биде новиот шеф на Вишото јавно обвинителство, скопското. Моите Тарот карти ми кажуваат дека во двата случаи ќе биде Тој, а не Таа. Чекаме…

А во куќата? Чекаме да видиме како ќе се покачуваат пензиите од март. Во државава има над 350.000 пензионери кои ја чекаат веста ококорени. А пензионер не сме долго да биде ококорен пошто ќе му се дигне притисок и после е поскапо да го лечиш.

Некако без да очекуваме дочекавме нешто што јас не сум го видел последниве три децении кога е збор за позиционирање на државата Македонија. Уште од оној референдум за независна држава и избор на првата македонска самостојна влада и претседател. Чекавме подолго од очекуваното, и не згрешивме.

Значи од тогаш, до сега, што се однесува на позиционирање на државата, создавање место за почит и соработка со крупните играчи во светот, оттогаш до денеска успех за така краток рок не сум видел. Особено не толку битно, и толку брзо. До сега.

За последниве неколку месеци Мицкоски успеа да добие три битни тапии. Да се потпише договор за стратешка соработка и крупна финансиска поддршка со Велика Британија. Од Брисел ЕУ да прати ферман дека успешно се завршени сите потребни услови пред почетокот на преговори за членство и, Американците на чело со Трамп да потврдат битност на нивната стратешка соработка со Македонија ставајќи не во групата држави со привилегирана царина во време кога Европа се бори за тој царински статус.

Историски. Чекор по чекор се менува сликата и односот кон Македонија: од оној на држава која е најкорумпирана после Украина и Косово, бевме на 112-то место на листата на Транспаренси интернешнел, и за која Македонија секој во Европа веруваше дека политиката овде зависи од бројот на нулите на вирманот за исплата на премиерот, министрите и пратениците… Сега дојдовме до ниво Британците да ни бидат гаранти за скоро шест милијарди евра наменети за проекти и инвестиции.

Ако мислиш дека тоа е мала работа, прашај се за кого си спремен да потпишеш да бидеш жирант за големи пари. А скоро 6 милијарди евра се големи за секого. Накусо, Мицкоски од Вашингтон, Брисел и Лондон ги доби клучевите за влез во друштвото на пристојни и уредени држави. На партнери. А кога ќе поставиш таков темел, работите потоа одат нормално, по ред, се е само прашање на време – Кога, а не Дали?

И сега на Бихаќка се нервозни. Благо речено хистерично нервозни, да не ги навредам со некој друг збор кој поблиску ги опишува.

Нивниот Заев се среќаваше со “бизнисменот“ од УДБА Дака Давидовиќ, па со лажниот црногорски принц Чернетиќ, па со Мајкл Штраумитис, познат како Биг Мајк, кој дојде кај Заев претставен како “крал на марихуаната“ што беше удар и навреда врз титулите на неговите пријатели, дилерите од Грчец и Арачиново, особено на Црногорците од Кавачки клан па после Друже Заев и СДСМ мораа да се оддолжат со милион евра дадени на Арачиново како “хуманитарна помош“ и лиценци на Кавачки клан за одгледување марихуана по македонски ниви (еј, марихуана да садат по ниви) која на крај завршуваше кај Кавачкиот клан и плус над 100 наши фалц пасоши за кланот.

Со такво друштво, со такви тапии и комбинации, не се прави држава. На Австрија или Швајцарија да им го дадеш Заев, “оној дудукон Ќуран од Куманово“, или Филипче за премиер – ќе ти ја сјебат државата за еден мандат. А и ние едвај преживеавме.

Арно ама, ова е Балкан. Зона на недовршени војни. Научен, жилав народ. Навечер легнуваш во една, а сабајле се будиш во друга држава. А не си мрднал од место.

Народ научен да преживува ама до преку таквото му е, сака да почне да живее. Нормално. А за нормален живот ти треба нормална држава. Нормално обвинителство, судство, нормална плата и пензија, нормално образование и здравство.. Што, нормално, се постигнува ако создаваш нормални сојузници, партнери како од Лондон или Вашингтон. Со партнери дилери, лажни принцови и кавачки кланови – јок.

Па после на Бихаќка се нервозни. Благо речено хистерично нервозни. Е се, тоа е.

Го испушија. На пропуштеното време за преродба мислам. Марихуната допрва ја пушат и уши им чурат кога гледаат што се случува сега, и знаат што ќе следи.

И Филипче, “оној Супеrфилипче“ зад кого останаа неутврден број починати од немање вакцини, по Онкологии, корупција со Хематологија, пожари во тетовската “болница“… Заев повторно го избра за шеф на СДСМ во стечај. Да му ја чува фотељата и да си ја заработи сметката со обид за застарување на делата на Заев, но и сопствениот кеш.

Ниеден претседател на партија, барем во собранискиве, не е избран со повеќе отпор во самата партија колку што сега имаше јавен отпор пред изборот на Филипче за шеф на СДСМ во стечај. Дури ни кога Апасиев со менторство на Заев и судска одлука беше поставен за шеф на Левица ваков отпор не видовме, а отпорот и за него беше голем.

И што смисли најнискиот шеф во историјата на СДСМ, мислам на висината од цирка 166 сантима на Венко во што исто така е мерлив со Апасиев па двајцата на куп можеш да ги ставиш во гепек, смисли дека ВМРО ДПМНЕ му прави пуч во партијата! Бре!

СеДеСето гради политика врз бајки. Бајковита политика. А бајките се за деца. Децата, за нивна жал, не гласаат на избори.

Пуч во партии, од Социјалистичка со другион Филипче постариот притив Ѕинго, па со Љубе и Љупчо против Груевски, или со Сашо Мијалков, Никола Тодоров Ивица Коневски против Мицкоски и Николоски… е во генетскиот код на СДСМ. Константа.

Да ги потсетам, и нив и читателите со детали што познати, ама и што непознати.

Ако проверите во Катастар, плус дополнето со инфо од луѓе во нивната околина, ќе видите со какви деловни и станбени простори денес располагаат Никола Тодоров и Ивица Коневски звани “Комшија“. А СЈО не ги изгреба. Заев среди. Настрадаа во таа трговија луѓе по судови, затвори и јавни прогони за да си го сочуваат стекнатото.

Кон групата ќе додадете една градоначалничка, па и еден славен бизнисмен, несуден бугарски конзул, и двајца адвокати кои беа тесно поврзани со наведената група плус Сашо Мијалков… е, тоа е “екипата“ која предводеше пуч во ВМРО ДПМНЕ, организираше конгрес за смена на Мицкоски во 2020 и 2021 година.

Скупа “екипа“. Се најмија дури и две деца од Велес, од оние кои нели работеле своевремено за кампањата на Трамп, па им се платија 12.000 евра (од договорените 20.000) за да се отвори и набилда фан страна на еден од нив. Копиљациве итри и паметни, им ги земаа парите и напумпаа 12.000 “фанови“ со фејк ликови од Индонезија, Филипини… Сите среќни, дури и “Филипинецот“ убеден колку многу уствари он е популарен и народ го сака, по што логично апетитите растат и он сака да го стави Никола Тодоров за нов шеф на ВМРО ДПМНЕ, а Ивица Коневски до него.

Имаше тука и одбрани новинари за логистика, познати ликови, со хонорар од 2.000 и 3.000 месечно во тие над година дена акција за преврат. Љубчо и Љубе беа подмирени, како коалициони партнери на СДСМ, на повеќе начини. Пучот во ВМРО ДПМНЕ и тезата “Мицко е готов…“ горенаведените ја држеа година дена за топ тема.

Заев и Филипче, за тоа време, на раат тераа бизниси. И не само он. Шилегов кој така “чесно и јасно“ го напаѓа денес Филипче и Заев за тешка корупција и растурање на партијата во февруари 2021, таман за кога беше закажан Конгресот против Мицкоски и Александар Николоски, потпиша Договор за 130.000 евра да се прави сајт за град Скопје. Тоа е едно 100 пати поскапа цена од реалната за таков сајт каков што е. Тоа е ситното за братучедот на Радмила Шеќеринска. Претходно за себе ја продаде градската куќа за 12,5 милиони евра, пари кои чудесно “исчезнаа“ од буџетот.

Додека народ се забавуваше со смената, а не ја бидна, на Мицкоски и Алексанадар Николоски, само од Град Скопје снема 15 милиони евра. Од владата снема 600!

Ма сите они се исти, не е бадијала фирмата буквално во стечај.

Тие кои воведоа насилна демократија. Или, демократија на сила, сеедно.

Секој од нас може без СДСМ. Без Заев, Филипче, Шилегов, Шеќеринска, Фрчкоски… Секнд хенд ликови. Нема ни да забележиме дека ги нема. Тие во демократија се осеќаат како прасе во Техеран. Голем ризик е нивното постоење во политиката. Колку ги бива за политика е доказ состојбата во партијата. Зошто нивниот стечај би требало да стане и наш? Бандо, попијте последно на наша сметка и назад во депонијата!

Доаѓа време за гласање битни одлуки во Собранието. Наскоро ќе биде објавен ласт минут кол за прелетачите. Кој прв дојден, најдобро услужен.

Драган П. Латас

(15.02.2026)