Илија Мајсторов

Пред многу години, кога поднараснал и почнал да ги разбира работите, а патриотизмот му станал основна преокупација на брат ми Трајче, (лесна му македонска земја), во времето на неговата младост, разбрав дека седејќи почесто крај дедо Ивче, го распрашувал за борбата на комитите за слободна Македонија.

Жедта за вистината за Македонците и нивната борба му остана до последните дни од животот, но и неможејќи да верува во тоа колку убиства се случиле само од предавства! Колку многу изроди и предавници на својот народ потпомагале да се случуваат страшните грдотии, (како, на пример, обезглавувањето на војводите Лазар Поптрајков и Васил Чакаларов по „заслуга“ на Коте Колачот од Костур!).

Вечерните средби со дедо Ивче биле најнезаборавниот дел од животот на младото момче. На една таква раскажувачка седенка, напати поднакашлувајќи се и поднаместувајќи си го мустаќот, почнал да раскажува за средба со Голем војвода:

– Беше рано, море ноќ. Утрото ни од далеку не се наѕираше. Тапи удари на вратата ја прекинаа длабоката тишина. Според бројот на чукањата знаев – нашите се. Каков-таков, ко ветар се сторив пред врата. И навистина, кога отворив, го видов другар ми од детството. „Ивче, ни доаѓа Големецот!“, со притаен шепот ми вели. Сфатив. Знаев кој е…

Брат ми Трајче слуша, го голта секој негов збор.

– Од пред неколку дена, во тесни кругови се шушкаше за значаен настан во Тиквешијата, за тоа дека „невидливи“ челници на ВМРО, дури и самите основачи, се тука, околу нас. Некои помислуваа дека се дојдени со намера и да нѐ следат – како и колку сме достојни да работиме за Организацијата, за каузата Македонска. Тоа беше пред Востанието, околу 1901 или 1902. Јас, внучко мој, сигурен бев доаѓаат за агитација за силно востание со жесток и краен удар за ослободување од Османлиите.

Детево сето се претворило во уво и не сака ништо да испушти од раскажувањето.

– И така, Трајче, спремен – недоспремен, се упатив со другарот по калдрмата за да стигнеме до Лагот, (така го викаа најродниот дел крај раката Вардар), долу на југот од Македонија каде што се наоѓаа и родни дрвја кои на ветрот му ја земаа силата…

…Дедо Ивче , тогаш бил во помлади години и со лесни чекори се движел низ познатите патеки. Договорните места биле на нивната нива или стотина метри подолу. Ако има нешто непредвидено, ќе слезат подолу крај брегот, по течението на Вардар, таму да се најдат. Тој бил сопственик на сплавот за преку вода и не било спорно со кого треба да се видат дојдениците. Биле тројца, силни комити, познати во пошироката околина.

Поздравот им бил од дистанца, а потоа, во текот на пловењето, срдечноста си дошла сама по себе. Брзо пристигнале на другата страна од реката. Се истовариле таму каде што било безбедно.

– На слегување од сплавот, внучко, од тројцата, најсилен впечаток ми остави човекот со темни забележителни мустаќи и угледна брада. Ми искажа благодарност со ишарет и брзо-брзо се изгуби со останатите во ноќта… Внучкоооо…. тоа беше Гоце Делчев! Подоцна неговата предавничка погибија ми создаде неизмерна тага и болка во душата која траеше со години, засекогаш. Плач го стресе сиот македонски род, а се растажија дури и луѓе од други вери. Народот го оплакуваше низ солзи и песни. Беше Великан. Ненадминат.

– Па, дедо Ивче, кога Гоце Делчев е наш јунак, кои сме ние што пееме за него?! – прашувал Трајче. – Кои сме биле и кои сме денес ние, Македонците!?

– Многу години ќе учиш, могу книги ќе прочиташ и ќе ја дознаеш вистината. А сите не присвојуваат и речиси ниту еден сосед од Македонскиот полуостров не ни мисли добро…

– Да не мислиш на Балканскиот полуостров, дедо Ивче?

– Не е тоа Балкански, внучкооо… Ќе проучиш дека не така… А и зошто е поинаку… И запамти: биди си горд Македонец!

А брат ми Трајче, од разговорите, сепак, разбрал дека земјата треба да се чува како капка на дланка. Но и дека многу чинители влијаеле и влијаат за зачувување на државата.

…Парадоксално е сознанието дека после Илинден 1903 г., кога стегите станале уште посилни, кога мрачните облаци безнадежно натежнале над Македонија, кога лелелкот и крвопролевањето станало вообичаено секодневие, во Москва, Ленин држи говори за материјализмот и емпиризмот, како дел од филозофската мисла на марксизмот. Во Лондон, пак, наголемо се бараат работничките права, се слави на свој, англиски начин, речиси насекаде, безусловно и на премиер-лигашките натпревари, (фудбалот веќе имал силен замав), се уживло, се грицкало и се пиело, (се разбира, благодарение на натрупаното богатство од грабежот на колониите од Африка и Азија!) Во Париз излозите блескаат, Шанзелизе е распеано, од ноќта се прави ден – а ние, каде сме биле, Македонијо?!

И денес по можноста да се читаат книги, да се гледаат филмови, да се оди во театар, да се проследат медиуми, главно електронски и… што ти уште не! Што дека толку напреднало човештвото кога… некои соседи не знаат, (или не сакаат да знаат!), кој го прифатил Третиот рајх, за свој. Кој дејствувал во склад со забрефтаната злогласна Хитлерова машинерија!? И сега ни предат приказни. Нам, токму на оние врз кои се слчувале недела.

Семејството на мајка ми живеело на 20 км, од ѕверството именувано – несреќна Ваташа!

Крвави недела и злодела, наметнат јазик, шиканирања, интернација, мобилизација во Бугарија и служење воен рок за нивни цели, промена на презимињата, грабеж и тортура од секаков вид. А сега, гледај, гледај! Наместо срамот да го заташкаат, бараат преиспитување на историја. Никогаш и никаде Гоце, не спомнал дека се бори за слободна Бугарија. А тоа не го спомнуваат ниту останатите херои, на пример, Гемиџиите и многу знајни и незнајни војводи и дејци на македонската кауза. Тие многу јасно посочувале дека се борат и умираат за слободна Македонија. И додека некои го унапредуваат  човештвото, даваат печат на настани запаметени од светската историја, други уживаат во сјајот на белите ноќи,  комодитетот што ги нуди условите за живот, а ние, уназадени за повеќе од 100 години го сонуваме новиот Гоце Делчев, харизматичен и мудар да не спаси од Нечесниот. Ни го нема. Зар оној што глуми политика и државност!? Спаси не, Господе!

И за крај ги прашувам соседите, (сите соседи!), во која конвенција на Обединетите нации пишува дека, некојси одстрана ќе ти определи: како ќе се викаш, како ќе се именува државата во која живееш, какво знаме ќе вееш, кој јазик ќе говориш и со кое писмо ќе пишуваш. Во која тоа држава се подготвуваат конвенции на јазикот на државата, а притоа да не стои за кој јазик станува збор!?

Ех, бре, дедо Ивче! Дали се превртуваш во гробот? Дали знаеш дека твоите идеали се изневерени?! Како да е биде горд Македонец!? Што ќе му одговориш на внукот Трајче… ако те праша некаде, на „ОНОЈ СВЕТ“, каде што, сигурен сум, претците жестоко се бунтуваат!?

(Авторот е дипломиран економист)