Илија Мајсторов
Пандемијата покрај тоа што одзема животи, се чини, одзема и памет. Или ако сакаме, не му дозвoлува на мозокот да функционира, па тој забраздува некаде и прави ЛАПСУСИ. Се прашувам, Човекот што не прими вакцина и не стана пример како останатите функционери во современите општества низ Европа и светот, едноставно, дали се плаши од „боцкање“? А да примеше, тврдам дека и за нас, незнајковци и неупатени во здравствената сфера, тој чин ќе беше значителен стимул за вистински потег.
Неодамна, министерот за здравство се најде дури и на другата страна од реалноста. Го прифати фактот дека било ОГРОМНА ГРЕШКА, затоа што, некој од споредните во институцијата добил спас – супстанца, поточно, едикојси му дозволил да прими вакцина. Каква ујдурма се крена! А него, господинот Административец, именуваниот секретар во болницата во Охрид, освен на ТВ, не сум го сретнал, но срцето ми пулсира за него. Сум ја „сркал и кркал“ и самиот таа попара. Неправдите во животот се случуваат секому. Иако, посебно не можам да помогнам, сепак, барем вербално се обидувам да го сторам тоа.
Верувајте ми, ако останам на страна, без овој скромен прилог – писание во името на правдата, ќе се чувствувам несреќно, неисполнето и неискажано. Зашто, убеден сум, мојата поддршка кон него не е единствена. Од друга страна, таа е немерлива со неговата внатрешна тага и вознемиреност – лична и семејна. А за него, правникот во Охридската болница, се крена толку врева, што се тресеа небото и земјата. Тоа што му се случи е стресно и за здравјето на семејството, (особено за повозрасните), ги гризе однатре, не им дава мир. Траума со затворен круг од која со месеци не можеш да се извлечеш. А зошто?! Зошто е така!? Зошто е казнет… министре?! Па, човекот, како граѓанин на Европа и Светот, има право на вакцина. Во период кога некои држави, (на пример Израел), се со над 70 % вакцинирани и не запираат.
И замислете, оној што е најодговорен за вакцинирање – министерот за здравство, заедно со премиерот, изрипаа: „Држ’, не дај!“, велат. „Сега му е мајката. Ќе го најдеме виновникот, имаме приказна!“ А ние… ќе си го тераме „раатот пандемиски“, еее… со мерак, со ќеиф… Милиот ни министер штеди вакцини, самиот не се вакцинира за да има за браншата, за да остане нешто и за народот… Жртва ни е… камиказ ни е министерот! Да не е дури и гемиџија!? Тој, секретарот, господинот Административец, самиот не може ни да писне, а не уште да земе вакцина!? Тој е обичен администратор, без помош од посилни личности во организацијата, а за пустата вакцина ќе чека 6 месеци и не е начисто дали ќе ја прими!? Иако, со години ја дели судбината, (читај, лебецот насушен) со здравствените работници. Се дружат, кафе-муабет, заеднички комисиски расправи… На крајот на краиштата – појадуваат заедно…
Знае ли министерот дека после возрасните и лицата со коморбидитети, паралелно со нив треба да се вакцинира и немедицинскиот кадар вработен во здравството? Во болници или амбуланти, (матичните особено се на удар), тој дел од вработените катадневно се изложени на заразата од ковид -19. А може ли без нездравствени работници во здравството? Да ни одговори Министерот. И тоа што поитно. Да му го чуеме финиот му глас!
Му се чинеше на г. Венко Филипче, дека е едноставно, (со штрајкот на административците кои, по повеќекратните покачувања на здравствените работници, со право бараа и тие да добијат барем мало покачување), лесно ќе се справи со нив. Неговиот „компромис“ го срочи со одговор: – Ако не сте задоволни можете да си заминете! Наводно, ќе повикал фирма која ќе ја води административната работа. Браво, Министре! За сѐ имате решение… освен за вакцините!?
Исто така, сите знаеме дека без доктори, (ајде… особено без хирурзи), нема медицина. Но, поискусните доктори велат дека постоперативниот третман е подеднакво важен.Тоа упатува на фактот дека – без сестра е тешко или поточно, невозможно да се работи. А нејзини помошници, покрај болничарите, напати, (да не се сфати буквално), се и немедицински кадри. Ако аналитички постапиме ќе заклучиме дека без секретар што ќе биде со колективните договори, одлуки, решенија… Нема набавки од обувки, блузи и панталони до комплет „космонаут“ со скафандер, лекарства од антибиотици до вакцини и што ти уште не друго.
Искрено и економистите ги заокружуваат наведените процеси и низа други кои од рационални причини не ги наведувам. Општо земено, г. Административец е најслабата алка во кругот кој се нарекува институција: дали се тоа јавни установи, судови, обвинителства, бизнис фирма, новинарски куќи… Во медиумите кај новинарите административецот е незабележлив, во установите за (не)правда заборавен, во градежништвото засенет од техничките кадри, во тешката индустрија исто така од инженери, електричари и машинци. Во јавните здравствени организации, преку овој пример со секретарот од Охрид, очигледно е колку лесно го „растргнаа“ по медиуми и, конечно, стигаме до целта. Да се пронајде оној што дозволи, да излезе информацијата и придонесе Човекот да се стави итно на столбот на срамот! Админстративецот никаде не е основен фактор. Па оттаму и лесната задача што ја имаше Министерот за здравство: ТЕШКА РАБОТА ДА СМЕНИШ АДМИНИСТРАТИВЕЦ!?
(Авторот е дипломиран економист)