Илија Мајсторов
Во нашата држава, веќе со години, се насобраа многу неразјаснети ситуации, многу проблеми и дилеми. И најважно од сѐ е тоа што сѐ му се пласира на македонскиот граѓанин. Tолку многу оптоварувања на граѓанинот (во црните кампањи) и токму оној, добронамерниот, објективниот што гласа по сопствен ум и по сопствено убедување, но и казнува кога ќе треба.
Деновиве најактуелно, покрај казнувањето на „легендарниот“ Зоран Заев со изборно (локално) фијаско, е и казнувањето на неговата антимакедонска Влада. Во своите удобни фотелји извесни фотелјаши се укотвиле повеќе од десетина години. „Зимзелени стебла“, како што вели народот. А актуелни дилеми, на претек:
Може ли премиерот да се оттргне од прегратката на ДУИ? Се раситни ли шеесетиединицата во Парламентот? Или, поинаку кажано, дали се собра нова антивладина коалиција. И се случи, барем за мене, најнеочекуваното. Киднапирање (или заробување!) среде „демократска“ Македонија. А киднапираниот е г. Кастриот Реџепи кој изгледа не смее да ги каже вистинските детали од своето патешествие.
Според Абрахам Линколн демократија е управување на народот, од народот и за народот. Демократијата била сон уште пред векови. Таа се практикувала и кај хеленските народи (Грците и Македонците).
Ќе скокнеме векови наназад и ќе стигнеме до османлиите. И тие во одредени фази од развојот, од средината на 15-тиот век па сѐ до 1912 г., стигнале до таму да градат дури и парламент. Значи, во втората половина на 19-тиот век, тие имале преставници на народот. Во тој парламент имало и шестмина христијани, кои требало да го штитат интересот на својата конфесија.
Пак скок, но сега само на неколку декади и ќе стигнеме до Гемиџиите чија идеја, покрај национално ослободување, била и градење на демократско општество. Париските Македонци на своите „кружоци“, среде Париз, со своевидна песна: „Налеј ,налеј“, ја почнувале новата работна недела, желни за правда, демократија и национална преродба.
А кога ќе се вратиме на нашиот „демократ“ г. Зоран Заев, со мирна душа, по поминат период од локалните избори, ќе констатираме: Иако не станува збор за парламентарни избори, сепак, само уште заматен ум, по еден ваков бродолом, може да се надева на мирна пловидба. И дали остана прав и пепел, од патот на кого толку многу му се посветуваа: Општество за сите, небаре опозицијата ќе прави Ограничено општество.
Дали се залудни толку многу одстапки кои ја разнебитија државата: двојазичнпст, бинационалност, национална антиидентификација…
Дали навикнати на политичката криза, многу лесно ја пропуштивме одамна најавената криза во светот – енергетската?
Жалопојките од типот дека криза од светско ниво, „ние не можеме да избегнеме и да спречиме“, е застарена флоскула. Со прашања, сигурен сум, не се решаваат проблеми, но тие сами по себе се натураат. Дури и да не знаевме за енергетската криза, не ли е логично на овие простори каде што над 80 проценти во годината се сончеви денови, да не користиме многу повеќе сончева енергија? Не требаше ли многу повеќе стимулации од државата, конечно, за да имаме изобилие од енергија преку соларни системи? Не парцелисани, туку системи кои би влијаеле и на вработеноста.
И денес, сакале или не, со право се навраќаме на историските моменти. Жестоко требаше да се брани (и да се одбрани) приемот на Македонија во ОН под референцата ФИРОМ. Тогаш дипломатските активности не смееја да затајат, така што отворената рана, по низа децении, не може да зацели. Наместо да се заштитиме, ние со отворено срце тргнавме во белиот, неизмерно злобен свет. Светот на лицемерие, поткупливост, лукавост и измами. Втурнати во тој виор, потпомогнати од сопствени, разнебитувачки сили, од незнаење, од попустливост, од понизност – до валкање и коленичење ја втурнаа Македониија и Македонците најдолу, во бездна.
И после сѐ, се чека дали муртинскиот барон – струмичкиот Хаузен ќе си остане на зборот и после ова погазување на ветеното со неговите познати железни опинци. Кога ќе се повлече од функциите, и во Владата и во сопствената партија!?
(Авторот е дипломиран економист)