Историјата и јазикот наш насушен

Територијалните граници, народот во утврдениот простор и неговиот јазик, од пред векови определуваат кој си, каде се наоѓаш географски и до каде се протегаат просторите на твоите брака и сестри по националност. Утврдувајќи ги посебните граници на државата.

Историска вистина е дека во најраните периоди на сознанијата, говориме за периодот пред нашата ера, Македонија се наоѓала во централниот дел на Балканскиот Полуостров, на север од најсеверната хеленска (старогрчка) област Тесалија.

Античките автори ја опишуваат како планинска земја, со многу реки, богати полиња, шуми и езера и со рудни богатства. Тоа била Античка Македонија, за која историјографите велат: ,Етничката, географската и јазичната граница на југ се протегала по северните падини на Олимп и брегот на реката Пенеј. Западната граница започнувала од Пинд и продолжувала по Шарпланинскиот масив (Јабланица, Кораб, Дешат и Скард, денес Шар Планина која била тромеѓе помеѓу Македонија, Илирија и Дарданија, од каде што северната граница се спуштала по падините на Јакупица, минувала низ Скопје и Велес , по линијата на Сопот и Новачани, како и по долината на реката Пчиња и излегувала на Осоговските планини сѐ до Рила Планина[1].

Источната граница одела по источните стрмнини на Пирин Планина сѐ до устието на реката Нестос во Егејското Море. Античките автори приморска Македонија ја нарекувале – Долна Македонија, а внатрешниот планинскидел – Горна Македонија. Низ историјата, постепено , се вдомува името Македонија (на просторот именуван Тракија), иако Хелените со името Ематија (песоклива земја), најчесто го именувале делот на југ од Европа. Освен името Македонија во историските извори се среќааваат и облиците Makedonida, Makedonitida, а како етноними се користат машката форма Makedon и женските облици Makedonissa и Mаkete , како и множината Makedones.

Ајга (Вергина или по наше Кутлеш)

Првата кралска престолнина била Ајга (Вергина, на македонски Кутлеш), а втората е Пела, која со големите градежни зафати во времето на Филип II Македонски, станува метропола на Балканот.

Од владеењето на првата македонска династија Аргеади во VIII в. пр. н. е. започнува ширењето на државната територија, која ги обединува сите етноси (палеобалкански популации со индоевропско потекло) што живееле на територијата на Античка Македонија: Бриги, Пајонци, Пелагонци, Линкести, Енгелани, Дасарети, Орести, Еордаи, Елимеи, Ботиајци, Пиеријци, Алмопи, Мигдонци, Крестонци, Бисалти, Еордејци, Едони и др.

За Македонија карактеристични се: басиликата, кралското уредување со наследен владетел и државни институции што владеат според македонски закони, македонски обичаи, обреди, со македонски божества, митови, култови и посебен македонски јазик.

За јазикот на Античките Македонци, се искажани различни мислења. Според група историчари и голем број грчки научници – истражувачи, македонскиот јазик бил хеленски. Други го класифицираат како илирски, а некои фригиски јазик. Во последно време сѐ поголем број лингвисти сметаат дека македонскиот бил одделен јазик и го подржуваат многу научници од еминентни научни кругови.

Во голем број антички извори е посочено дека македонскиот јазик значително се разликувал од хеленскиот, но, досега не е најдена ниту една единствена реченица на македонскиот јазик и сиот зборовен материјал со кој располагаат научниците се состои од т. н. македонски глоси, односно зборови кои биле запишани во делата на античките и византиските лексикографи. Најголем број од нив запишал Македонецот Америја кој живеел во III век од нашата ера, а бројот на македонските глоси се проценува на околу 100 до 200.

Еден податок од V век п. н. е. кој се однесува на јазикот на Крестонците, укажува дека хеленскиот и македонскиот јазик се разликувале. Таткото на историјата Херодот, жителите на Крестонија ги нарекува Пелазги, а нивниот јазик барбарски, истакнувајќи дека се разликува од јазикот на другите кои живееле околу нив.

Од подоцнежниот период постојат повеќе податоци кои укажуваат на тоа дека Македонскиот јазик се разликувал од хеленскиот. Во судските процеси (330 г. п. н. е), една значајна личност од Македонија вели: Ќе ви се обратам на хеленски за да разберат оние што не се Македонци. Потоа, потенциран е и повикот на Александар Трети Македонски упатем до стражата на течен македонски јазик. Македонскиот карактер на божествата честопати се открива и од географските епитети. Оние научници кои ги изучувале ликовните претстави на боговите во Македонија, истакнуваат дека тие не се изработени според хеленски канони и таква ликовна претстава ја земаат за доказ, тврдејќи дека не е можно поистоветување на македонските со хеленските божества.

Во историските читанки никаде, ама баш никаде не сретнав бугарски јазик, бугарско писмо, бугарски божества… (Господе, прости ми ако грешам!) А јазикот наш како насушна потреба треба да го негуваме онака како што го правеле нашите големи дејци низ поколенија. Како Солунските, сесловенски браќа Свети Кирил и Методиј, мисионери на христијанството низ Источна Европа, изумители на глаголицата како основа за препишување/преведување на старомакедонскиот јазик, па сѐ до истакнати македонисти во 19 век: Димитрија Чупоски, револуционер, политичар, дипломат, картограф. Ѓорѓија Пулески, писател, лексикограф и воен водач, кој со речникот на три јазика: македонски, турски и албански, се издигнува во првенец на своето време. Крсте Петков Мисирков кодификатор на македонскиот јазик и правопис, славист, аналитичар, публицист кој, како десидент во Русија (Сант Петерсбург 1901 г.), пишува дека на соседите сме им дале апостоли, јазик , култура… а тие нам себичлук и злоба. Оттогаш до денес, во односите со соседите, за жал, ништо како да не се помрднало нанапред.

Во поново време за правописот на македонскиот литературен јазик неизбежно е името на акад. Блаже Конески, поет, прозаист, есеист, книжевен историчар, филолог и преведувач, еден од најзначајните кодификатори на македонскиот литературен јазик. (Негова е заслугата за доближување на нашиот до другите југословенските јазици, кои имаат меѓусебни сличности, но, сепак, се посебни.) Или акад. Божидар Видоески, таткото на македонската дијалектиологија и… ред број други истакнати научници и темелници на македонскиот јазик.

Всушност, сите наведени дејци, бездруго, на штета на своите семејства и комодитет (или барем значителен дел од нив!), талкајќи по белиот свет и ризикувајќи си го својот живот, својски се борат за македонскиот јазик, што е показател за идентитеот на една нација. Нивниот порив го поврзувам со:

Антропогенетичките желби на човекот

Да го спомнеме Александар Кожев, (Увод во читањето на Хегел), руски пофесор, еден од најсилните протагонисти на делата на Хегел и Маркс, истакнува: Сите човечки антропогенетички желби кои ја создаваат самосвеста, човечката стварност, конечно, се функција на желбата за признавање. И ризикувањето на животот, преку кое човечката стварност излегува на виделина е ризик во името на таа желба. Потоа: За да говориме за нашето исконско потекло на самосвеста, нужно е да говориме за борба за признавање до смрт. Каде сме ние, Македонците, во оваа гесло, патоказ на животот и суштина на националното отрезнување и постоење.

И додека НИЕ бебешки вгнездени во националната дремка, (ни недостига само уште бабиното скутале) си спиеме, наспроти нас, бројно накотени и скриени јаничари, прогрчени, пробугарени, просрбени, полека, но сигурно роварат по националното битие на Македонија. Универзалните, цивилизациски придобивки, за жал, нашите „кутри“ соседи ги прескокнале, а нам дремката продолжува да не замелушува и да не совладува. Ами, чаре!?

Илија Мајсторов
(Авторот е дипломиран економист)