Илија Мајсторов

Многу често пријателствата се стекнуваат и со текот на времето исчезнуваат. Не дека Никола, Ниџо школскиот, не ми лежи на душа и не го сакам неговото присуство, туку, едноставно, ми го нема.

Кога јас го барам, тогаш жена му, ама баш тогаш, му дала задача. Или, обратно, кога треба да се сретнеме, тогаш кај мене се јавува проблем, зашто на драгата ми госпоѓа ѝ текнало дека треба да се потсврши некоја работа.

Годините си минуваат, а јас и мојот драг школски Ниџо, никако да се видиме. Не барам како што сме знаеле некогаш и како што ни сакала душичката, ама барем трошка муабет да можеш да си направиш. И наместо со именуваниот Никола по пазарџиската сеанса која поминала и со дополнителни барања докупи уште ова, та доземи уште она, конечно, го стрефувам Соговорникот.

Пријател од дамнешни времиња, кој од своето раѓање живее во Скопје, а пред години преселен во Битпазарскиот дел од скопската каза на поширокиот наш вилает. И сите тезги и пазарења, врволица и мноштво луѓе по улиците, па договарања и преговарња, мешаници и турканици, ѕагор и тргувања, ме потсетија на Оноре Де Балзак и „Стомакот на Париз“.

Колку лекичко, фино и течно го опишал Париз. Можеби треба и некој од нас, денес, да се зафати со тоа… Додека размислувам и веќе сум се вивнал на седмо небо, се појавува многу драг лик – Соговорникот. Свежо потстрижен, складно дотеран, модерни маичка и панталони, а цртите на лицето ја одразуваат сета негова позитивна енергија. Тие толку се вклопуваат во складот со размислувањата и посакувањaта за добредојде на гостин, иако бевме на улица.

Откако се прегрнавме, (иако пандемските протоколи се против тоа!), со маски задолжително, почнавме разговор за старите времиња. За жал татко му веќе го нема, а останатите во семејството, главно, во ова време – невреме, релативно добро се снашле и битисуваат некако. Дел од нив успеваат, токму во овој татковински простор кој, за жал, станува „сива зона“ за Македонците.

Токму во тој час почнува мојот телефон да ѕвони, ама ѕвоното, чудно, ми го нуди рефренот: „Каде сте Македончиња, кај отидовте…“ Веднаш, брзо-брзо го исклучив, како да се засрамив… Па, што ми е, бре, луѓе, кој сум јас и од каде сум и зошто сум, а што е тука страшно!? Ги истребија кутрите наши Македонци, а јас брзам, трчам, се прекршив… „Оф, проклет да сум“, си велам во тој час. А соговорникот затечен, некако вџашено, ме потфати за рака. Како да сакаше да ме разбуди од тој кошмарен сон. Некогаш, навистина, си признавам, (заради возраста, што ли?) трокирам.

– Добро сум. Сосема сум добро… – му велам на Соговорникот, ама тоа, воопшто не беше убедливо. Тоа го знаевме и двајцата. Но, муабетот, по карток прекин, како кога ќе снема струја, само десетина секунди, пак продолжи.

Не седнавме, како што најчесто се случува. Имавме, патувачка „рута“ во иста насока, па си го фативме правецот. Разговорот, без да сакаме, спонтано не одведе до Солунскиот брег. Од намерата за летување до истиснувањето и заборавени имоти на нашинците. И каде е тука правдата и праведноста, како е можно кога сме ние, Македонците во прашање, аршините да добиваат фалшиви извртувања и прекројувања!?

А Соговорникот да ми ти бил жив сведок, на тоа проклето пошутнување. Пред негови очи се случувало. Гледал со месеци, како кутра беспоможна женичка, сред битпазарските улици, со долготрајна тортура, закани, навреди, грубости и пцости, е избркана од својот дом. Поточно принудена да продаде сѐ, за да случи етничко чистење, (како кај Балзак!) и во „Стомакот на Скопје – Бит пазар“.

Во тоа време и покрај вревата, се чу продорен глас, небаре си влегол да крадеш во нивата на татко му, а не во оваа кутра земјичка… која не е „арапски кварт“, со храмови на уката за доброто, корисното и чесното во човечкото битие, кое некој го нарекува пеење. Вака, со неподнослива гласнотија поминуваат сите сабајлини…

Убавини до немајкаде. А напати и пред 5 часот, а брее…. што му стана на Оној та толку продорно се гласи како да си го бара, Господе, прости ми, не знам што си бара?! Инаку, ако се земе за тема „дерењето“ како постојана придружба на „пеењето“, тоа не е атак врз христијаните и христијанството.

До пред дваесетина години во Општина Чаир, според пописот од  2002 година, живееле 64.773 жители, или 3,2% од целокупниот број на жители на Република Македонија. Имајќи предвид дека територијата на општината е релативно мала, произлегува дека густината на населеност е 18.400 жители на еден квадратен километар, густина која можеби е најголема во Европа.

Според пописот од 2002 година, во Општина Чаир живеат следниве етникуми: Албанци = 36.921 (57,0 %); Македонци = 15.628 (24,1 %); Турци = 4.500 (6,9 %); Роми = 3.083 (4,8 %); Бошњаци = 2.950 (4,6 %) и други = 1.691 (2,6 %). Сега податоците говорат Господ да им е на помош во „полза“ на Македонците. Каде сте – кај отидовте…

Така е затоа што сета статистика се вклопува со песната „Каде сте Македончиња“ … Зашто, само пред педесет-шеесет години, на тој простор, а и пошироко, Македонци ги имаше над деведесет проценти! Најважно е тоа што разговорите продолжија, а просторот ми овозможува да го изнесам битното: сега си ги имаме ново-старите кадри за да ја подноват власта, да си го зајакнат властодржецот ДУИ кој „чесно“ ќе контролира најзначајни сегменти од владините активности. Во прв ред парите, па криминалот, а богами и безбедноста… Тука, во никој случај, нема да се направи „провала“ од која враќање на правиот пат нема и не може да се случи!

Пред да се разделиме со Соговорникот, со воздишки констатиравме дека (не)правдата продолжува, а прогресот ни е на повидок. Така е и благодарение што навреме ни се менуваат „Жбогаровци“, ни доаѓаат нови, од силни посилни личности, вакви и онакви европјани – амбасадори, комесари…. Но, само Амбасадор на совеста не видовме. Ќе си причекаме! Та ние сме трпелив и „дарежлив“ народ, сѐ што си имаме „братски“ ќе си поделиме.

(Авторот е дипломиран економист)