Илија Мајсторов
Слепиот водач се роди(л) многу одамна. А мојот драг пријател, инженер Љупчо, љубител на мудриот збор, патем, ме пресретна со прашањето: Како ти се допаѓа идејата да се опише слепиов Водач? Оној, по теркот на сатирата од Радое Домановиќ?
Во право е пријателов. Зашто, веднаш се препознава наративот на сиот народ, каде нѐ води првиот човек на оваа Влада. Не треба многу знаење и умеење, со овие информации, (ги има на претек!), да се осознае и да се предвиди, а притоа објективно да се искаже – каде, всушност, ќе стигнеме со слепиов Водач? Зарем е возможмо да не се видат толку значајни поединости? Охридскиот договор, за некои „бистри умови“ е сѐ уште неисполнет!? А како да се занемари и Територијалната поделба, (испишана со „златни букви“ во црните тефтери на разнебитувачите на македонскиот опстанок), за која тогашните исполнувачи на желби од македонскиот блок кажаа „амин“? Амин за најдискутабилната поделба која се потврди како апсолутно штетна и погубна за мнозинското население и за сите чесни и одговорни луѓе – граѓани на Република Македонија. Со тоа се промени и бројната состојба при попишувањето на албанското малцинство кое ги има сите права според Виенската конвенција за правата на малцинствата. Но, тоа е километарски далеку од слепиот Водач за да може да го види. Умее ли да чита човеков? Како кога, (при очи!) е слеп?
А пустиов Преспански договор? И за него замижа, затвори очи и би што би! Според сите меѓународни конвенции, вклучително и онаа на Обединетите нации, тој е апсолутно ништовен. Та, за папагалските грчки настојувања, (вклучително дури и за штотуку прогрменото ЕУРО 2020), одредени исполнувања се невалидни и незначајни за иднината на Република Македонија. Односно, дај Боже, што побрзо да дојде нова гарнитура која ги познава меѓународните инструменти за надминување и преиспитување на најнесреќниот договор што го одобрила некоја македонска Влада. Колку побрзо тоа ќе се случи – толку подобро! Кој е и каков е тој, каква е таа творба создадена од незнајковци со која се обврзува само едната страна од несреќниот Договор!?
Кризата со недостиг на вакцини која одвај ја истуркавме, зарем не е доволен показател за тоа како гледаат земјите од групацијата Г-7? (ЕУ го води главниот збор на останатите земји и народи ширум светот.) Во кризните моменти, на почетокот од 2021 г., имаше информација дека во неразвиените земји на планетава нема ниту еден процент од тогашните количини вакцини. Наспроти тоа во високо развиените земји се трупаа неизмерно големи количини. Впрочем, последните збиднувања со веќе фамозната резолуција за толку посакувани и неопходни црвени линии, ги потврдија слабостите во општеството, давајќи им можност на „ковачите“ на тиранската платформа да се „настрват“ врз мршата и во неволјата на „браќата“ Македонци да ја бараат среќата токму онаму каде што не може да се најде.
И наместо властодршците да се насочат и поставените неправилности да ги оневозможат и коригираат за да придонесат за нормален живот во државата, тие продолжуваат да не туркаат кон провалијата. Значи, постои само ЕУ и ниту една друга асоцијација!? Крај! Па, би можеле, се разбира, ако слепиов Водач тоа го предвидеше за да се направи и Балканска асоцијација, која нема да се вика „Југославија“, но ќе има моќ, сила, капитал и пред сѐ умствен капацитет да ги пренабрегне сите премрежија кои постојано се актуелни. И ќе има засебни културни, социјални, спортски и разни други активности кои би допринеле за подобар живот на ова парче земја заборавено, за жал, дури и од Господ.
Ако се вратиме на изветвеното бугарско вето, ќе заклучиме дека историјата се (пре)повторува. А, пак, таа, учителката на животот, очигледно, секого не може да го научи да прогледа. Особено не ако е Водачот е – тотално СЛЕП!
Она што одамна го пишуваше Ѓорѓија Пулевски, како сега да е присутно, како сега да се случува. Да не се заборават зборовите на неприкосновениот деец за народните и национални правдини, чија личност подразбира: македонист, картограф, војвода и историчар, писател и поет, собирач на умотворби – Ѓорѓија од Галичник, кој за Европа, ќе рече: „Јевропа јаремоносците ги пазит, а нас не гмечит…“ Да парафразираме: како да воскреснал и го чувствува бугарскиот дух за кој ќе наведе: „Духот на лажачите од кои треба да се пази македонскиот народ“.
Што дека кога, абре, СЛЕП ни бил ВОДАЧОТ!?
(Авторот е дипломиран економист)