Почна спроведувањето интервјуа на пријавените кандидати по огласот за именување претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата. Интервјуто го спроведува Комисијата за селекција со која претседава Мухамед Зеќири, а се одвива на седница на собраниската Комисијата за прашања на изборите и именувањата.
Ќе бидат интервјуирани 57 кандидати, а доколку некој не дојде на интервју ќе се смета дека ја повлекол пријавата за претседател или член на Државната комисија за спречување на корупцијата. На огласот се пријавија вкупно 80 кандидати, а за 22-ца е констатирано дека немаат соодветна документација.
Претседателот на Комисијата за селекција на кандадатите истакна дека процесот на интервјуирање на кандидатите треба да заврши до среда. Интервјуата ги водат претставници од Македонската академија на науките и уметностите, Интерпарламентарната унија и здруженија на граѓани, што се занимаваат со антикорупција.
– Согласно член 12 став 19 од Законот во рок од три дена од спроведувањето на интервјуто Комисијата за селекција утврдува ранг листа на кадидатите согласно критериумите утврдени со актот од ставот 19 и ја доставува на Комисијата на прашања на изборите и именувањата, која во рок од два дена најдобро рангираните кадидати им ги предлага на Собранието на Република Македонија во единствена предлог листа за претседател и членови на Државната комисија за спречување на корупцијата со образложение за секој од предложените кандидати, рече заменик-претседателот на Комисијата за прашања на изборите и именувањата, Зоран Илиоски.
Огласот за пријавување кандидати, што го објави Собранието траеше од 22 до 27-ми минатиот месец. Како што е наведено во огласот, се избираат претседател на комисијата и шест члена со мандат од пет години, кои нема да имаат право на повторен реизбор. При изборот, според новиот Закон за спречување на корупцијата и судир на интересите, ќе важи принципот на соодветна и правична застапеност и принципот на еднаква родова застапеност.
Новиот Закон за спречување на корупцијата предвидува за претседател и членови на ДКСК да не може да биде избрано лице кое во последните 10 години било донатор на политичка партија, пратеник или член на Влада. Воедно новите членови мораат да имаат шестгодишно работно искуство во областите на откривање или спречување на корупцијата, владеење на правото и да имаат завршено правни, економски, политиколошки или комуникациски студии.
Роковите за избор на првиот состав на антикорупциската комисија, според новиот закон, се скратени со цел новата комисија да се формира пред да почне кампањата за претседателските избори.
Претходно беше избрана седумчлена Комисија за селекција на кандидатите за претседател и за членови на Државната комисија за спречување на корупција. Од редовите на пратениците ја сочинуваат Мухамед Зекири од СДСМ, Артан Груби од ДУИ, Зоран Илијоски од ВМРО-ДПМНЕ и Владанка Авировиќ од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ, додека Драги Целевски е номиниран од Народниот правобранител, а Сабина Факиќ и Бесим Небиу како претставници на здруженијата односно фондации назначени за членови во Советот за соработка помеѓу владата и граѓанскиот сектор.