Комитетот на Обединетите нации за правата на детето денеска соопшти дека е „длабоко вознемирен“ поради извештаите за бомбардирањето на училиштето за девојчиња „Шаџара Тајебех“ во јужниот ирански град Минаб, во кое, според извештаите, загинале повеќе од 160 деца.

„Комитетот е вознемирен од извештаите за напади врз цивилна инфраструктура, вклучувајќи училишта и болници, кои повредиле и трауматизирале деца и одзеле многу млади животи“, се вели во соопштението на Комитетот на ОН за правата на детето, тело од 18 независни експерти кое го надгледува спроведувањето на Конвенцијата за правата на детето.

Комитетот повика на заштита на децата од последиците од војната. Канцеларијата за човекови права на ОН вчера побара „силите што стојат зад смртоносниот напад“ да спроведат истрага и да ги објават наодите, без да прецизира кого смета за одговорен.

Амбасадорот на Иран во ОН во Женева, Али Бахреини, во писмо од 1 март упатено до високиот комесар на ОН за човекови права, Фолкер Турк, го нарече нападот „неоправдан“ и „криминален“.

Училиштето беше погодено на 28 февруари, првиот ден од нападите на САД и Израел врз Иран.

Американскиот државен секретар Марко Рубио завчера изјави дека американските сили „нема намерно да го напаѓаат училиштето“, додека Израел соопшти дека го истражува инцидентот.

Фото: архива