Комитетот за вооружени сили при американскиот Сенат го повика претседателот Доналд Трамп да воведе санкции против Турција за „опасното партнерство со Путин“. Реакцијата од Сенатот доаѓа отако Турција вчера ја прими првата испорака на рускиот ракетен систем С-400.
– Со тоа што ја прифати испораката на С-400, турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган избра опасно партнерство со Путин на сметка на турската безбедност, економскиот проспертитет и интегритетот во НАТО, се вели во синоќешното соопштението на Комитетот.
Оттаму повикуваат претседателот Трамп да воведе санкции против Турција во рамки на законот за Спротивставување на противниците на Америка преку санкции (КААТСА).
Се додава дека „додека испораката на ловците Ф-35 е одложена на неопределено време, се обраќаме до Министерството за одбрана да го одземе учеството на Турција во програмата Ф-35“.
Најновиот руски ракетен систем за противвоздушна одбрана во сопственост на Турција предизвика незадоволство кај нејзините партнери во НАТО. Најактивно во запирање на набавката настапуваше Вашингтон, посочувајќи на опасност од зближувањето со Москва и предлагајќи го наместо тоа својот ракетен систем „Патриот“.
Како последица на тврдиот став на турскиот претседател, САД ја откажа испораката на своите ловци Ф-35, изразувајќи загриженост дека Русија може да ги добие во своја сопственост технологиите за невидливост на авионот чувани во најстрога тајност.
Во телефонски разговор со Пентагон, министерот за одбрана на Турција, изјави дека Анкара продолжува со оценката на понудата на САД за „Патриот“. Во разговорот, министерот Хулусу Акар му укажа на својот колега, вршител на должност секратар за одбрана, Марк Еспер, дека набавката на рускиот ракетен систем „не било приоритет туку неопходност. Оценката на понудата за Патриот продолжува“, изјавил министерот.
Тој се надева на продолжување на соработката во рамки на Ф-35 и посочи дека влошувањето на односите меѓу САД и Турција е на штета на двете страни.