Зголемувањето на прагот за царинење на пратки со вредност до 90 евра, беше најавено дека е согласно препораките на Европската комисија, како и поради зголемување на обемот на е-трговија во земјава. Сметаме дека во услови на кревка економија и недоволна потрошувачка на домашни производи, она што може да предизвика оваа новина е поттикнување на сивата економија, истакна денеска Беким Есати, член на Управен одбор на Комора на сметководители во врска со подигнување на прагот на ослободување од царина за пратки од 45 евра на 90 евра.
Тој наведе дека со промената можно е да се врши препродажба на продукти, кои ќе влегуваат во нашата земја за многу пониски цени од оние на домашните производители особено во делот на техника, облека, апарати за домаќинство, накит, телефони, играчки за деца, спортска опрема, козметика и ред други производи.
– Прагот во ЕУ е повисок бидејќи таму и примањата се значително повисоки, но за разлика од Македонија во ЕУ има и систем на електронска контрола кое лице и колку пати во денот носи пратки, кај нас со ова се остава можност да се изигра на штета на увозниците кои плаќаат данок, изјави Есати, напоменувајќи дека во нашата земја се тргува исклучиво од увоз на малопродажба пред се од земјите од Источна Азија, а не од Европската Унија и Америка
Благоја Грозданов, член на Управен одбор на Комора на сметководители истакна дека сметководителите години наназад се на удар од отсуство на комуникација меѓу државните институции и меѓу државните институции и приватниот сектор.
– Во екот на изготвување на завршни сметки, од страна на Mинистерството за финансии се воведува целосно променет извештај за данок на добивка, образец ДБ за чие пополнување во некои случаи можно е да треба да се смени сметководствената евиденција уште од почетокот на годината. Со ваквите брзи промени во легислативата кои имаат ретроактивна имликација на даночните обврзници воопшто не им се дава можност за даночно планирање како една од најважните активности на почетокот на годината, истакна Грозданов.
Тој посочи дека во овој, најстресен период од годината за сметководителите, дел од електронските системи за даночни поднесоци на УЈП почесто се недостапни, системот не може да ги издржи големиот број на поднесоци, со што сметководителите се приморани непотребно да губат времето да пополнуваат и доставуваат хартиени поднесоци.
– Очигледно некои од промените во регулативата е тешко да се спроведат и од страна на институциите, а Министерството во секој случај креира обврски кои можат да предизвикаат големи штети и за сметководителите и за даночните обврзници, констатираше Грозданов.
Александра Андреева, член на Управен одбор на Комората истакна дека Централниот регистар за овој февруари го најави ставањето во функција на Регистарот на вистински сопственици, кој треба да даде реална слика за сопственоста на удели и акции,согласно обврските од Законот за спречување перење пари и финансиски тероризам.
– Она што за жал неретко се случува, е сите законски обврски за стопанството да се препишат на сметководителите, независно од областа од каде истата доаѓа. Но, сметководителите треба да знаат дека обврската за полнење на регистарот не е на нивен терет. Поточно, во овој процес сметководителите при самото воспоставување деловен однос со клиентите, задолжени се да го идентификуваат вистинскиот сопственик и во зависност од ризикот кој ќе го утврдат да вршат засилена анализа над клиентот. Неисполнувањето на оваа одредба од законот е предвидена како основа за изрекување на глоби, но, истото не е поврзано со поднесување на пријава за ажурирање на регистарот, која согласно предметниот закон припаѓа на овластеното лице за застапување на правниот субјект, а не на сметководителот, истакна Андреева.