Сопственикот на компанијата „Сигмоид Груп“ за кого Богданка Кузеска, портапорлка на СДСМ, тврди дека имал блискост со премиерот Христијан Мицкоски како наводен поранешен студент на Машинскиот факултет категорично ги демантира сите тврдења на СДСМ.

„Во однос на личните податоци, категорично демантираме дека основачот Јован Јанкуловски има завршено Машински факултет. Истакнуваме дека тој никогаш не бил студент на Машинскиот факултет. Воедно, никогаш немал контакт со премиерот“, велат од „Сигмоид“ во демант до јавноста.

„Сигмоид Груп“ ги демантира сите наводи од таканеречната бомба на Кузеска.

Претходно, Влада и ВМРО-ДПМНЕ ги демантираа како груба клевета и  конструкција наводите на Кузеска, која тврди дека, наводно, фирма со само тројца вработени за период од 2 месеци добива тендери од Владата на Христијан Мицкоски од 74 милиони денари, односно 1,2 милиони евра.

Во демантот на фирмата „Сигмоид Груп“ се наведува дека „големината на тимот во рамки на групацијата е значително поголем и во
изминатите две години континуирано изнесува над 20 вработени и ангажирани професионалци од областа на ИКТ, со јасна тенденција на раст“.

Во однос, пак, на самата спомената набавка, „Сигмоид“ наведува дека станува збор за групна набавка помеѓу компании во иста групација, односно помеѓу Сигмоид Гроуп ДООЕЛ и Сигмоид ДОО.

Од финансиските извештаи за 2024 година јасно е видливо дека поголемиот дел од остварениот промет на Сигмоид потекнува од странство, велат од компанијата и нагласуваат дека „Сигмоид Груп“ е официјален партнер со над 15 глобални водечки производители на ИКТ опрема и системи, особено од областа на сајбер безбедноста.

Компанијата нагласува дека е ИКТ групација која е активно присутна на пазарот од 2018 година, со портфолио од над 40 клиенти во јавниот и приватниот сектор. Компанијата редовно учествува на јавни набавки во Република Северна Македонија, како и во други држави, вклучително и Естонија – една од најдигитализираните држави глобално.

„Податоци за дел од нашите клиенти се достапни и на нашата веб страна, како и на порталот за јавни набавки на Естонија. Во Република Северна Македонија, компанијата има склучено и реализирано повеќе од 30 договори директно со јавни институции, како и договори преку меѓународни донатори за имплементација на ИКТ системи“, велат од „Сигмоид Груп“.

Компанијата истканува и дека во предметните тимови на споменатите набавки се ангажирани и професионалци (вклучително и странски експерти) со највисоки сертификати од областа на сајбер безбедност, меѓу кои и експерти со НАТО сертификати за безбедност што, како што велат, укажува на капацитетот на проектните тимови.

„Сигмоид Груп има реализирано и значителни договори со странски држави, меѓу кои и со јавни организации од Естонија, како и со повеќе јавни институции од земјите на Западен Балкан, вклучително Република Северна Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора, Србија и Босна и Херцеговина“, подвлекува компанијата.