Членот на Претседателството на Босна и Херцеговина Жељко Комшиќ денеска повтори дека ниту едно решение за косовското прашање не треба да биде врзано за позицијата на државата Босна и Херцеговина, додавајќи дека „гадно се лажат оние кои мислат дека нешто ќе компензираат врз грбот на БиХ“.
Во интервју за порталот „Слободна Босна“ Комшиќ оцени дека позицијата на Србија и претседателот Александар Вучиќ во преговорите „не е завидна“.
Тој тоа го објасни со тврдењето дека решавањето на косовското прашање не и одговара на Русија, затоа што верува дека доколку се реши проблемот ќе исчезне и потребата на Србија од руска заштита, „која им е синџир околу вратот“.
Комшиќ тоа го поврза со протестите во Белград под, како што рече, фасадата на пандемијата, кажувајќи дека некои демонстранти го величеле Ратко Младиќ и ја поздравувале Русија.
-Вучиќ навистина е во незавидна позиција поради непризнавањето на Косово, но, кога и да заврши, тоа што сакам да го истакнам е дека нашиот став е дека ниту едно од постигнатите решенија не мора и нема да дозволиме да биде врзано за позицијата на државата Босна и Херцеговина и затоа оние кои мислат дека ќе можат нешто да компензираат на грбот на БиХ, грубо се лажат, рече Комшиќ.