Српскиот епидемиолог и шеф на нивниот кризен штаб, Предраг Кон, денеска изјави дека би било многу опасно доколку во текот на зимата „се судрат“ корона вирусот и сезонскиот грип и оцени дека пораното започнување на училишниот распуст е еден од начините да се спречи тоа.

„Многу е тешко и опасно ако имаме грип и корона. Се надеваме дека тоа нема да се случи, како што беше случај минатата зима, но мора да бидеме подготвени за секое сценарио“, изјави Кон за ТВ К1.

Тој рече дека училишниот распуст може да започне во втората половина на декември и додаде дека за тоа треба да одлучи Кризниот штаб.

Иако во Србија имаше повеќе тешки случаи меѓу децата и неколкумина експерти поради тоа бараа училиштата да поминат на он лајн настава, предлогот нерзабирливо беше одбиен од политичарите, а потоа кон тоа се приклонија и лекарите.

Инаку, зборувајќи за состојбата во болниците, Кон рече дека на секои три лица кои не се имунизирани, доаѓа по едно вакцинирано.

„Бројот на вакцинирани во болниците не се зголемува бидејќи ја даваме третата доза од вакцината“, рече Кон. Тој посочи дека медицинскиот дел од Кризниот штаб „најмногу би сакал да нема“ прослави и дочек на Нова година.