Хабиб Талукдер, попознат како „Тигар Хабиб“, кој е осомничен за убиство на 70 загрозени тигри е уапсен во Бангладеш по 20-годишна потрага по него, а конечно бил фатен од полицијуата по дојава, откако по него претходно биле распишани три потерници, пренесе Би-Би-Си.
Живеел и работел во шумата Сундарбанс, на границата меѓу Индија и Бангладеш, каде што живее најголемата популација на бенгалски тигри во светот. Во дивината се останати само неколку илјади, бидејќи нивното крзно, коски, па дури и месо се купуваат на црните пазари ширум светот.
-Долго време беше во бегство, изјави шефот на полицијата, Саидур Рахман, за весникот „Дака трибјун“. Западните агенции известуваат дека локалното население подеднакво го почитува и стравува од него.
-Тој е опасен човек, кој може да се бори само со тигрите во шумата, изјави еден локален жител.
Офицерот Абдул Манан за „Дака трибјун“ изјави дека и полициските и шумските служби со години се обидувале да го уапсат Хабиб Талукдер.
-Тој тајно влегол во Сундарбанс и ловел диви животни и покрај тоа што одамна му беше забрането да влегува во шумата, изјави офицерот за весникот.