Заев до последен момент калкулира и не ги соопштува имињата на кандидатите за потпретседатели на СДСМ во пресрет на утрешнииот Конгрес. Иако се шпекулира дека тоа ќе бидат Лукаревска, Битиќи и Филипче, лидерот на социјалдемократите не открива дали директорката на УЈП, вицепремиерот за економски прашања и министерот за здравство се негови фаворити. Неизвесно е исто така кој ќе ја замени Шекеринска на позицијата заменик-претседател на СДСМ, објавува Алфа.
„Не би можел ништо да кажам заради тоа што нема оформено предлози, односно секој може да има свои идеи во главата, почнувајќи од мене како прв меѓу еднаквите во СДСМ, и овластен предлагач согласно статусот на Социјалдемократскиот сојуз, но сето тоа е безвредно ако органите и телата како овластени предлагачи не го предложат пред самиот конгрес”, изјави Заев.
Филипче пак иако според многумина е во најтесниот избор за потпретседател вели дека за ова не разговарал со Заев. Но знаел дека претседателот на партијата ќе го направи најдобриот тим.
„Не сум разговарал на таа тема со претседателот Заев. Преокупирани сме со менаџирање на овој процес, на кризата и вакцинацијата. Верувам дека ќе го направи најдобриот тим исто како што беше и до сега и дека ќе продолжи успешно да работи на полето на имплементирањето на сите успешни политики исто како и досега”, изјави Филипче.
Шекеринска пак потврди дека нема да биде дел од раководството на СДСМ на сите нивоа. За информациите дека заминува на амбасадорската позиција во Вшингтон вели дека се шпекулации.
„Верувам во работа и сработено, а не во функции. Сето останато три години го слушам и никако да се случи. Би сакала малку повеќе да зборуваме за суштински, реални нешта, а помалку да губиме време на дезинформации и кујнски сплетки“, изјави Шекеринска.
Во СДСМ освен битка за раководни позиции и места во Централниот одбор се мерат рејтинзи и се вршат прегрупирања и околу претстојните локални избори. Веќе се најавени независни кандидатски листи во Охрид, а се шпекулира дека тоа ќе се случи и во Центар и Куманово. Актуелниот градоначалник на Куманово Максим Димитриевски се надева дека ќе добие поддршка за нов мандат. Верува дека на конгресот ќе се изберат најдобрите кандидати иако смета дека со изборот на кандидати од Куманово за централниот одбор се направила грешка.
„Имаше целосна селекција и елиминација на кандидатите. Се уште трае постапката. Времето ќе покаже дали е направена грешка или е направен вистински потег”, изјави Димитриевски.
Социјалдемократите утре освен заменик претседател и потпретседатели бира и нов Централен и Надзорен одбор, генерален секретар. Се очекуваат 30 проценти нови имиња во партиските тела.