Тони Коњановски, кандидат за градоначалник за општина Битола од редовите на ВМРО- ДПМНЕ на вечерашниот митинг одржан во рамките на изборната кампања, под слоганот „Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина!“, обраќајќи се кон битолчани истакна дека последните четири години општината Битола живееше во еден поинаков ритам проследен со градење како во централното градско подрачје така и во најоддалечените рурални места. Коњановски потенцираше дека во општина Битола се поставија цврсти темели врз кои општината во иднина ќе може да се надоградува во една урбана, модерна, чиста и динамична општина. Притоа Коњановски ги посочи ветените и реализирани капирални проекти односно оние во крајна фаза на реализација.
„Најголемиот дел од ветените капитални проекти се завршени или веќе го гледаат светлото на денот. Ќе издвојам само неколку, гордоста на Битола нашиот преубав Широк Сокак доби амбиентално осветлување на прекрасните фасади, налик на светските метрополи, осветлена е и Саат – кулата во Битола. Изградбата на градинката во АРМ е во финална фаза, завршена е првата фаза од изградбата на новата зграда на територијалната противпожарна единица. Довршена е северната трибина на стадионот Петар Милошевски, ставени се во функција рефлекторите, се работи на реконструкција на јужната трибина. Реконструирана е и спортската сала Боро Чурлевски, ставен е во функција системот за греење, замислете првпат после 30 години, реконстуиран и осветлен е и паркингот кај спортската сала Боро Чурлевски. Изградена е памп трака за вљубените во екстремниот велосипедизам, Битола станува вело град и доби велосипедски патеки во должина од над 5 километри. Изградено е и прифатилиштето за бездомни животни Хачико, изградени и реконстуирани се патеките на потегот Тумбе Кафе – Смолево, изграден е нов парк во Нова Битола. Руралните средини се наш приоритет, направивме многу во места коишто со години биле заборавени, пристапни патишта, улици, објекти“.
Во продолжението од своето обраќање, Коњановски ги најави новите проекти кои ќе ги реализира во наредните четири години, а кои се однесуваат на подобрување на инфраструктурата во општина Битола, уредување на јавниот превоз со набавка на современи автобуси, уредување по светски стандарди на коритото на реката Драгор, обновување на канализационата и водоводната мрежа, изградба на цевковод со поголем капацитет, изградба на нови спортски комплекси, поддржување на новосоздадените културни брендови, создавање на нови работни места и привлекување на инвестиции, а со цел јакнење на локалната економија и задржување на младите во општина Битола.
„Следните четири години ќе донесат реализација на нови проекти и години на живеење со резултатите од сето тоа што го работевме досега. Битола ќе добие уште една подобра инфраструктура, нов булеварски влез од страната на Охрид, функционални улици на градот во централните меѓутоа и во руралните средини. Уредувањето на јавниот превоз е едно од најзначајните задачи и предизвици во овој мандат, набавката на современи автобуси, дигитализација на постојките и редовен градски превоз до сите населени места. Еден од битолските симболи е реката Драгор, чие корито во следниот период ќе биде уредено по светски стандарди, паралелно со коритото, ќе бидат реконструирани мостовите и пешачките патеки, надополнети со соодветно осветлување. Потребно е да се изгради цевковод со поголем капацитет, кој ќе испумпува поголема количина на вода, со цел граѓаните да не се соочуваат со проблемот на водоснабдувањето. Едно од најголемите битолски населени рурални места, Бистрица, има потреба од нов современ водовод. Потребен е каналски систем којшто ќе ги собира истечните води, особено во населбата Баир. Една од главните цели е обновувањето на канализационата и водоводната мрежа. Спортот кој го издигнавме до меѓународни успеси, ќе го поддржуваме и надградуваме преку изградба на нови спортски комплекси. Културните брендови, кои ги започнавме од нула, но и оние кои ги надградуваме, како што е Зимската приказна и Битфест, ќе ги раснеме и ќе ги брендираме до регионална препознатливост. Ќе продолжиме да работиме на создавање на нови работни места, да привлекуваме инвестиции и да ги задржиме младите, нудејќи им квалитетен живот, да ја јакнеме локалната економија со социјален напредок“, заклучи Коњановски.