Јована Матевска Атанасова е авторот на расказот „Гладоморје“, што беше избран за најдобар на отворениот Конкурс за наградата „Живко Чинго“.
Матевска Атанасова која е дипломиран психолог, е авторка уште и на романите „Тамбовските снегови“ и „Писмата во библиотеката“, кој е награден на конкурсот за поддршка на млади талентирани автори на фондацијата „Македоника“ и УНЕСКО.
Учесничка на регионални и меѓународни конкурси, добитник на повеќе награди меѓу кои најзначајни се наградите во 2015 и 2016 година, на реномираниот и традиционален конкурс за краток расказ што го распишува весникот „Нова Македонија“ за насловите „Двете дланки“ и „Нештовина“.
Во 2018 нејзиниот расказ „Индигото на бесот“ влегува во збирката на регионалниот конкурс „Бибер 2“ и е преведен на три јазици.
Нејзиниот расказ „Гладоморје“ стручното жири што ги оценуваше пристигнатите трудови го избра за најдобар во конкуренција на 71 дела, со образложение дека се работи за „расказ што претставува нов тип истражувачко искуство во македонската проза засновано врз принципот на асоцијативност, имагинативност со можна алегорија која упатува на универзални концепти на современото живеење во кое насилството хиерархиски се издигнува над другите примитивни човекови опстојби“.
На годинешната добитничка наградата ќе и биде врачена на традиционалната манифестација „Вечер на Чинго“ што секоја година се одржува на 13 август во родното место на Чинго, селото Велгошти.