Тренерот на Интер, Антонио Конте беше задоволен од фактот што неговиот тим синоќа успеа да направи целосен пресврт против Фиорентина и да го добие првиот натпревар сезонава во Серија А.
„Нероазурите“ заостануваа во резултатот со 2:3 до 86-тата минута од мечот, но успеа да стигне до триумф за само две минути по головите на Лукаку и Д’Амброзио.
Антонио Конте се жалеше дека тимот на Интер бил неизбалансиран на моменти, но им честиташе на играчите за вкупниот учинок.
– Трите бода се многу важни, но ние мора да ги потенцираме вкупните перформанси на играчите. Позитивната работа е што постигнавме четири гола и создадовме многу повеќе шанси. Мислам дека нивниот голман Драговски се справи многу добро. Напаѓавме и создадовме многу проблеми на Фиорентина, но во исто време не бевме доволно фокусирани на нивните контранапади. Момчињата знаат како да се подобрат. Мора да има рамнотежа во тимот. Многу пати бевме неурамнотежени вечерва и плативме за овие грешки. Треба да се обидеме да се одбраниме движејќи се напред, не потпирајќи се на нашиот голман. Мораме да извршиме притисок врз нашите противници. Тоа беше прв натпревар на Коларов, Д’Амброзио играше како централен дефанзивец, но целиот тим мора да се справи подобро, рече Антонио Конте.
Со синоќешната победа, тимот на Интер ја започна со 3 бода новата кампања во Серија „А“, во која ќе се обиде да го симне од тронот шампионот Јувентус. Пред паузата за натпревари на репрезентациите за „нероазурите“ ќе има средби со Беневенто и Лацио.