Британскиот премиер Борис Џонсон денеска ќе се соочи со гласање за доверба што го побараа членовите на владејачката Конзервативна партија, изјави претседателот на партискиот Одбор 1922, Сер Грејем Брејди.
Тој најави дека е надминат потребниот праг, 15 отсто од пратениците на парламентарната партија да побараат да се гласа за доверба на премиерот, постапка што ќе биде спроведена во текот на денот.
– Согласно правилата, денеска од 18 до 20 часот ќе се гласа за доверба. Веднаш потоа ќе се пребројат гласовите. Соопштението ќе биде објавено дополнително, изјави Брејди.
Доколку Џонсон ја изгуби довербата, ќе биде сменет од премиерската функција.
Гласањето за доверба на премиерот Џонсон ќе биде можност да се стави крај на повеќемесечните шпекулации за неговото владеење, изјави портпаролот на Џонсон.
– Вечерва е можност да се стави крај на повеќемесечните шпекулации и да и се дозволи на владата да повлече линија и да продолжи понатаму, се посочува во изјавата на портпаролот.
Тој додаде дека премиерот Џонсон ја поздравил можноста што ќе му овозможи да ги изнесе аргументите пред пратениците.