Ебрахим Раиси е новиот претседател на Иран, соопшти предмалку иранското Министерство за внатрешни работи.
Тој победи тројца кандидати на избори, додека на неколкумина други кандидати им беше оневозможено да учествуваат во изборната трка. Раиси е главен ирански судија, челник на правосудството и е со ултра-конзервативни ставови. Тој се наоѓа на списокот на американски санкции поради кршење на човековите права.
Иранскиот претседател е втор највисок функционер во земјата, по врховниот водач. Претседателот има значително влијание врз внатрешната политика и надворешните работи. Но, врховниот водач, ајатолахот Али Хамнеи го има последниот збор за сите државни прашања, пренесува Би Би Си. Иран е управуван согласно конзервативните религиозни вредности и има ограничувања на политичките слободи уште од Исламската револуција во 1979 година.
Шеесетгодишниот имам работел како обвинител во поголемиот дел од својата кариера. Тој беше назначен за шеф на судството во 2019 година, две години откако беше поразен од Хасан Рохани на последните претседателски избори, потсетува Радио Слободна Европа.
Хасани и Раиси одржаа средба, на која досегашниот шеф на државата му ја честиташе изборната победа на Раиси, откако доби 17,8 милиони гласови од досега преброените. На изборите учествуваа околу 28 милиони Иран од вкупно 59 милиони со право на глас.
За време на кампањата, Раиси се претставуваше како најдобрата личност во борбата против корупцијата и решавањето на економските проблеми во земјата. Сепак, многу Иранци и активисти за човекови права изразија загриженост за неговата улога во егзекуциите на илјадници политички неистомисленици во 1988 година. Иран никогаш не признал масовни егзекуции, а Раиси никогаш не ги коментирал овие обвинувања.
За победата на Раиси, ајатолахот Хамнеи рече дека претставува пораз на „непријателската пропаганда“. Но резултатите од изборите, кои не беа следени од меѓународни набљудувачи, покажуваат дека излезноста била најниска од Исламската револуција во 1979 година.
Аналитичарите посочуваат дека кандидатурата на Раиси, кој е под американски санкции поради улогата во масовните егзекуции, доведе и до голема апатија меѓу избирачите.
– Голем победник на изборите е иранската нација, која уште еднаш се спротивстави на пропагандата на непријателските платенички медиуми и на искушението на ненамерниците и го покажа своето присуство во срцето на политичката арена на земјата, истакна Хамнеи.
Западните земји се посебно заинтересирани за изборите и поради судбината на нуклеарниот договор постигнат во 2015 година со светските сили. Поранешниот американски претседател Доналд Трамп ги повлече САД од договорот и повторно воведе санкции за Иран. Актуелниот шеф на Белата куќа Џо Бајден вети дека земјата ќе се врати во договорот доколку и Иран тоа во целост го направи.
Раиси во предизборната кампања вети дека ќе биде посветен на договорот кој нуди олеснување на санкциите во замена за значителни ограничувања на иранските нуклеарни активности.