Туристичка агенција од Болоња нуди пакет аранжман за сите Италијанци кои сакаат да се вакцинираат против Ковид-19 во Србија, пишува весникот „Кориере дела Сера“.
Сопственикот на агенцијата Умберто Салвадори сам го тестирал системот, ја одбрал вакцината и откако бил вакциниран во Белград, неговата агенција понуди пакет од четири дена.
Единствениот услов за патување е лицето да има потврда дека е регистрирано за вакцинација.
Агенцијата обезбеди локални водичи и преведувачи, сместување во хотел и туристичка тура низ Белград.
Цената на четиридневниот пакет за две лица е 500 евра, а тоа вклучува превоз со авион или автомобил, како и ковид-тест.
Тие, исто така, планираат патувања со вакцини во помали места во Србија, каде што, според сопственикот на агенцијата, има помала група пред центрите за вакцинација.
Сопственикот на агенцијата тврди дека интересот е огромен, дека нивните телефони постојано ѕвонат, заинтересирани се и компании од мала и средна големина, кои сакале да организираат имунизација за вработените, како дел од безбедноста при работа, нагласува весникот во иформацијата.