Скрининг извештајот на Брисел од поглавјето фундаменти ги опфаќа и бугарските барања што државата си ги прзеде како обврска, но и проблемот со корупција во државата. Иако, структуриран различно од досегашните извештаи на Европската комисија, сепак тој ги користи речиси истите квалификации и барања на Унијата како и досега, коментираат познавачите, објавува ТВ Сител.
Во извештајот уште на почетокот, во Преамбулата, се нагласува дека добрососедските односи и регионалната соработка се „суштински дел на процесот на проширување“.
„… Македонија се обврза да започне и приоритетно да ги постигне релевантните уставни измени, со цел во Уставот да ги вклучи граѓаните кои живеат во границите на државата и кои се дел од други народи“, пишува во документот.
Од ЕУ бараат и да се обучат посебни лица што ќе работат на кривични дела против говорот на омраза на етничка основа, со цел да се намалат инцидентите. Ваква обврска бараше токму Бугарија со ланскиот Протокол.
Извештајот бара да се донесе и закон за одземање на имот за сите осудени што злупотребиле јавни пари, а ни забележува и за лошата имплеметнација на националната стратегија за борба против корупцијата.
Брисел бара и вработувањето во јавниот сектор да биде повеќе врз основа на заслуги, а не поради етничка припадност и вели дека Балансерот повеќе не врши работа. Од Европската унија потсетуваат и на тоа што не се спровеле препораките на Венецијанската комсија за Законот за двојазичност.
Сепак, Ристевска Јорданова укажува на друг проблем со документот, односно дека вицепремиерот Маричиќ го квалификуваше Извештајот како како нацрт, што може да подразбира потреба од негова потврда од државите членки.
Македонија вчера го доби првиот скрининг Извештај по меѓувладината конференеција во Брисел. Во него квалификацијата е дека земјата делумно е подготовена за членство. Вицепремиерот Маричиќ пак, тврди дека Извештајот е добар водич и основа за подготовка на клучните документи поврзани со преговорите.