Кошаркарите на МЗТ Скопје Аеродром се пласираа во финалето на АБА2-лигата, откако денеска го совладаа тимот на Спарс со 84-70 (49-37) и забележаа втора победа во полуфиналната плејоф-серија.
Избраниците на тренерот Ѓорѓи Кочов од самиот старт покажаа исклучителна решителност за победа, а тимската игра и агресивната одбраната беа клучните елементи кои им ја донесоа победата.
Иве Иванов беше најефикасен во тимот од „Јане Сандаски“ со 24 поени, 8 скока и 4 асистенции, Дамјан Стојановски ја заврши средбата со 19 поени, а Лестер Медфорд се истакна со 14 поени и 9 асистенции.
Во битката за влез во елитната јадранска конкуренција, кошаркарите од Аеродром ќе се борат против словенечка Приморска, која го совлада Борац од Чачак со 73:69 на гостински терен и со 2:0 ја затвори серијата.
Финалето на АБА-2 лигата е на 1 април.