Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во врска со временото запирање на ИПАРД програмата, кажа дека ќе се прават дополнителни проверки за да се утврди дали воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата, како и постоење мерки за заштита од измама и корупција.

-Министерството за финансии односно Националниот координатор на ИПА фондовите кој се наоѓа во МФ, во петокот достави допис со којшто направи времено сопирање на исплаите. Значи никако не станува збор за тоа дека некој од надвор ни ги сопирал исплатите. Сега ќе се прават дополнителни проверки со цел да се обезбеди уверување дали воспоставениот систем гарантира легалност и регуларност на плаќањата од ИПАРД, како и постоење ефективни мерки за заштита од измама и корупција, рече Димитриеска Кочоска во Тема на денот на Сител ТВ.

Таа напомена дека тоа е она клучно што ќе се проверува и оти не станува збор за забрани што се случуваат од надвор.

-Но морам да напоменам дека во моментот во системот постојат фактури од износ од 400.000 евра. Да не шпекулираме со бројки, целата сума на ИПАРД програмата е 97 милиони евра, од нив веќе имаме исплата на 274 договори почнувајќи од 6.11.2023. Износот кој се исплатил за тие 274 договори е 8.266.375 евра, и националното кофинансирање е 2.754.487 евра, рече таа, повторувајќи дека во системот има 400.000 евра односно фактури во тој износ коишто ќе подлежат на проверки.

Вели дека целиот процес на проверки нема да биде брз, но тоа не значи дека ќе трае со месеци, бидејќи освен Националниот координатор за ИПА се вклучени и други институции.

На прашањето за Законот со којшто ќе нема лимит за ослободување од ДДВ, односно за загриженоста за пратките што ги нарачуваат граѓаните од странство, и што ќе значи ова законско решение, министерката рече дека граѓаните нема да имаат простор за загроженост.

-Морам да ги смирам граѓаните бидејќи и за ова прашање се пласираа дезинформации. Прво во секоја цена што ја гледаат, „Тему“ има вклучено ДДВ. Има граѓани кои прават нарачки над 22 евра и сето тоа се регулира од страна на шпедиторските компании. Ова не е нешто што ќе ја промени цената на крајните потрошувачи. Тие дури и не се свесни дека некој тоа го прави во нивно име. Ние сега што направивме – само до 22 евра, ама производите се исти. „Тему“ не распознава кој ќе купи под, а кој над 22 евра. Цените го имаат вклучено ДДВ-то, ние ги гледаме со ДДВ, но кога ќе стигнат во државата, тоа веќе си е комуникација помеѓу шпедитерите и Царинската управа, рече министерката.

Затоа, повтори, граѓаните може да бидат спокојни, но ние ова мора да го регулираме, додавајќи дека и ЕУ ќе го регулира овој дел и во однос на ДДВ-то а посебно околу царината.

-Ќе ги следиме одлуките на Европската Унија и доколку се одлучат ние имаме информации за тоа. Очекувањата беа дека тоа ќе биде од 1 јануари 2027, сепак се поместија роковите и тоа е легитимно, затоа што мора да најдеме начин да ги заштитиме и домашните компании кои во исто време увезуваат, плаќаат ДДВ, плаќаат царина, имаат вработени итн, целта е и македонските компании да бидат заштитени со ова. А за граѓаните кои купуваат од „Тему“ или која било платформа нема да има никакви промени, рече Димитриеска Кочоска.