Платформата, изготвена од Државната делегација за дијалог со Србија и усвоена денеска во косовското собрание, предвидува реципрочно признавање на Косово и Србија во рамки на постојните граници, почитување на правата на албанската заедница во Србија, решавање на сите отворени прашања со Србија, укинување на Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН.
„Платформата содржи вовед, 11 главни принципи кои ќе ги користи Државната делегација за дијалог и поглавја за значењето на нормализацијата, европската интеграција, воените злосторства, исчезнатите лица и жртвите на сексуално насилство, како и заштитата на правата на малцинските заедници, наследството и друго“, се вели во платформата.
Во неа се истакнува дека политички приоритет на Косово е да се постигне договор со Србија, што ќе му овозможи на Косово да напредува кон универзално признавање и членство во Советот на Европа, Европската унија и ОН.
„Целта на овој договор е решавање на сите отворени прашања, што им овозможува на двете држави да го признаат суверенитетот една на друга и да го отворат патот на Косово кон ОН и ЕУ”, се вели во документот.
Врз основа на наведените принципи, главната цел на Косово е да обезбеди Србија да го признае суверенитетот и независноста, со законски обврзувачки ветувања дека Србија ќе ги прекине сите активности што го попречуваат Косово во областа на меѓународно признавање, дека ќе го почитува суверенитетот и територијалниот интегритет на Република Косово и ќе се откажат од спротиставување при аплицирање на Косово во меѓународни организации.
Се наведува дека нема да има никакви договори освен ако не се постигне општ договор.
Исто така,се истакнува дека конечниот договор мора да биде во согласност со Уставот на Косово, кој предвидува дека „суверенитетот и интегритетот на Република Косово е неоспорен, неотуѓив и неразделен”.
Правата на природни и други ресурси лоцирани на територијата на Косово припаѓаат исклучиво на Косово и тоа прашање не е отворено за преговори.
Директорот на српската Канцеларија за КиМ рече дека усвојувањето на Приштинската платформа испраќа порака дека дијалогот со Белград е завршен.
– Со усвојување на платформа во која се вели дека единствен можен исход од дијалогот е признавање, не третирајќи права и состојба на Србите, значи дека Приштина на тој начин испраќа порака дека тоа е крај на дијалогот, изјави Марко Ѓуриќ.
– Одлуката на властите во Приштина ја става Србија во најтешка положба од 2011 година кога Албанците заедно со западни партнери ставија граница на Јариње и Брњак, рече Ѓуриќ.
Претседателот на Србија Александар Вучиќ за утре наутро закажал итна седница на Советот за национална безбедност.