Србите од северно Косово бараат повлекување на косовската полиција и новоизбраните градоначалници од албанска националност.
Екипата на „Косово онлајн“, која е на местото, известува дека во близина на зградат на Општина Звечан се присутни и голем број припадници на КФОР од полскиот контингент, кои го формираат првиот прстен на „безбедност“ околу општинската зграда. Зад нив, непосредно во близина на зградата, распоредени се припадници на косовската полиција.
Директорот на болницата во Косовска Митровица Златан Елек за српскиот портал Новости изјавил дека повеќе од 50 граѓани побарале помош во болницата поради вдишување гас од шок-бомби, но и поради повреди од гумени куршуми и од боева муниција, откако Србите во Звечан на северот на Косово се судрија со припадници на КФОР и косовската полиција.
Уште едно лице е тешко повредено. Меѓу повредените е и доктор Драгиша Миловиќ, претседателот на општина Звечан, кој е погоден во градниот кош, но не се знае од што.
Голем број припадници на КФОР со опрема за разбивање демонстрации од утрово се распоредени во близина на општинските згради во Звечан, Лепосавиќ и Зубин Поток, на северот на Косово, каде се собрани жители од српска националност. Зад нив стојат бројни косовски полицајци, кои не им дозволуваат на насобраните Срби да се приближат до општинските згради.
Американскиот амбасадор во Приштина, Џефри Ховениер, истакна дека САД најостро ги осудуваат насилните дејствија на демонстрантите во Звечан, вклучително, како што наведува, употребата на експлозиви против КФОР.
Косовската претседателка Вјолса Оснмани на Твитер напиша дека оние кои ги извршуваат наредбите на Александар Вучиќ за дестабилизација на северот на Косово, мора да се соочат со правдата.