Министерката за надворешни работи на Косово Мелиза Харадинај-Стубла му се обрати со писмо на извршниот директор на компанијата Епл, Тим Кук, со официјално барање да ги обележи границите на Косово во апликацијата на компанијата, ЕплМапс, јави дописникот на МИА од Приштина.
Како што објави денеска Харадинај-Стубла, во писмото упатено на 23 јули, од Епл е побарано „брзо преземање чекори за претставување на Косово на коректен начин во меѓународно признатите граници на услугите на ЕплМапс“.
Шефицата на косовската дипломатија во писмото споменува дека „Косово во неговите граници е признаено од над две третини од земјите во светот, вклучително САД, Велика Британија, Јапонија, Германија, Франција, Канада…“, а потсетува и дека е членка на престижни светски институции, како што се Меѓународниот монетарен фонд, Светската банка и други.
– На 22 јули 2010 година Меѓуародниот суд на правдата донесе заклучок дека прогласувањето на независноста на Косово на 17 февруари 2008 година не претставува прекршување на меѓународното право, пишува Харадинај-Стубла, потсетувајќи дека платформи како Линкедин, Твитер, Фејсбук и Спотифај ги апдејтирале сопствените податоци, претставувајќи го Косово како независна држава.
Моментално, границите на Косово на картата на ЕплМапс се обележани со бледо-црвена боја, за разлика од оние на другите држави, кои се со светла боја и подебели линии.