Партијата Алијанса ново Косово (АКР), на чие чело е поранешниот шеф на државата, а подоцна и на косовската дипломатија, Беџет Пацоли, најави дека ќе го поддржи гласањето во собранието за уривање на владата предводена од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и нејзиниот премиер Авдулах Хоти, јави дописникот на МИА од Приштина.

Наим Мурсели, советник на лидерот на АКР, преку објава на својата страница на Фејсбук, синоќа порача дека Владата на Хоти „веќе ја има изгубено довербата“ и пратениците од неговата партија “ќе го поддржат нејзиното уривање“.

АКР има двајца пратеници во 120-членото Собрание на Косово и тие досега ја поддржуваа актуелната влада, додека Мурсели денеска објави нивно заминување во опозиција.

– Само една обединета опозиција може да го отвори патот за нови избори во Косово. Оваа влада веќе ја има изгубено довербата и граѓаните со нетрпение очекуваат друг да ја преземе должноста. (…) АКР ќе го поддржи уривањето на оваа влада, напиша советникот на Пацоли.

Во врска со полемиките меѓу коалиционите партнери околу изборот на нов шеф на државата, откако досегашниот претседател Хашим Тачи поднесе оставка на функцијата, Мурсели порача дека е јасно оти „ниеден нов претседтел не може да биде избран без опозицијата“.

Најголемата косовска опозициска партија, Движењето самоопределување (ВВ) на претходниот премиер Албин Курти, од порано има покренато иницијатива за собирање потписи на републичките пратеници за изгласување недоверба на владата предводена од Хоти, кој ја презеде власта на почетокот на јуни годинава, откако го урна дотогашниот коалиционен партнер Курти.

За покренување моција за владата потребни се 40 потписи, а за изгласување недоверба 61 глас на пратениците од 120-члениот косовски Парламент. ВВ има 28 пратеници, така што двајцата пратеници од партијата на Пацоли не се доволни за свикување седница за гласање доверба на кабинетот на Хоти. Втората најголема опозициска партија, Демократската партија на Косово, објави дека нема да ја потпише моцијата за уривање на актуелната влада, но оти ќе гласа за нејзино уривање доколку тоа прашање дојде на дневен ред во Собранието.