Претседателот на Косово Хашим Тачи ги почнува денеска консултативните средби со лидерите на парламентарните политички партии, откако на 23 март Собранието му изгласа недоверба на кабинетот на Албин Курти, јави дописникот на МИА од Приштина.
Прв кого Тачи го покани на консултации, закажани за претпладнево во 10 часот, е токму Курти, како лидер на Движењето Самоопределување (ВВ), партија која победи на вонредните парламентарни избори на 6 октомври.
ВВ досега ја одбиваше поканата од Тачи, тврдејќи дека, согласно Уставот на државата, во оваа ситуација не може да се формира нова влада, туку треба да се распишат вонредни избори, и тоа кога ќе се создадат услови за тоа, односно кога ќе се надмине кризата со епидемијата на Ковид-19.
Меѓутоа, Курти синоќа потврди дека ќе замине на средбата кај претседателот на државата, но во својство на вршител на должноста премиер, а не како партиски лидер.
– Моите правни советници имаа задача да ја проценат поканата од претседателот и нивна сугестија е да одам на утрешната средба и јас ќе заминам како в.д. премиер, за да му го изложам во детали мојот став, изјави Курти во синоќешното интервју за приштинската телевизија КТВ.
Курти нагласи дека средбата со Тачи не ја смета за консултација за формирање влада, со оглед дека, според него, „тоа би било своевидно прекршување на Уставот, затоа што земјата не е во постизборна ситуација“.
По средбата со Курти, во 10:30 часот Тачи го очекува лидерот на Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Иса Мустафа, чија партија изрази готовност да учествува во формирањето нова влада.
ЛДК го иницира гласањето за недоверба на Владата во која и самата учествуваше, поради разрешувањето од страна на Курти на нејзиниот прв потпретседател Агим Велиу од функцијата министер за внатрешни работи на Косово и упорното одбивање на премиерот на барањата од САД за неодложно и безусловно укинување на таксата на увозот од Србија и Босна и Херцеговина.
Во 11 часот Тачи во својот кабинет ќе го пречека лидерот на најголемата опозициска партија, Демократската партија на Косово, Кадри Весели, кој вчера одговори позитивно на поканата од претседателот.
Портпаролот на ПДК Авни Битиќи синоќа изјави дека Весели ќе се сретне со Тачи, но оти нема да изнесе никакво политичко барање.
– Господинот Весели нема ниедно политичко барање, особено не во овие околности. Тој јасно ја изрази сопствената позиција дека е повеќе ориентиран кон пандемијата и економската ситуација во земјата. Што се однесува до политичките прашања, сметам дека ова е погрешен момент да се води политика во овие околности. Меѓутоа, претседателот на државата го покани и Весели сигурно ќе одговори на поканата, изјави Битиќи.
Од претседателскиот кабинет синоќа соопштија дека и останатите парламентарни партии ги добиле поканите за консултации и дека средбите со нивните лидери се закажани за утре, 2 април.
Прв со кого утре ќе се сретне, во 10 часот, е лидерот на Алијансата за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај, половина час подоцна го очекува претседателот на партијата на косовските Срби, Српска листа (СЛ), Горан Ракиќ, во 11 часот е закажана средбата со лидерот на Социјалдемократската иницијатива (Нисма) Фатмир Лимај, а во 11.30 со претставници на групата Г6, односно претставниците на немнозинските етнички заедници во Косово.