Во Косово во минатото деноноќие, за прв пат по подолго време, не е забележана ниеден смртен случај на заболен од Ковид-19, така што бројката на жртви на заразата од коронавирусот од неговата појава во март минатата година остана 1.544, јави дописникот на МИА од Приштина.
Вчера за прв пат се извршени над три илјади тестови со методот РТ-ПЦР, од кои како заразени од вирусот резултираа 246 лица, со што вкупната бројка на лица кај кои досега е откриен вирусот достигна до 64.341.
Според последните официјални статистики, објавени денеска од страна на Институтот за јавно здравство на Косово, болеста досега ја совладале 55.761 пациент (201 последното деноноќие), додека активни носители на вирусот се 7.036 лица.
Вклучително вчерашните 3.031, досега во државната и другите овластени косовски клиники се извршени 266.585 тестови на лица за кои постоело сомневање дека се заболени од Ковид-19.
Косовската Влада од пред два дена целосно го укина полицискиот час, односно ограничувањето за движење на граѓаните од 21.30 до 5 часот, кое беше во сила во општините со највисок процент на заразени.