Владата на Косово се собира денеска во планинскиот центар Превала на Шар Планина, на работен состанок на кој ќе ја хармонизира сопствената програма, јави дописникот на МИА од Приштина.

Ова е прва седница од ваков вид на кабинетот на Албин Курти.

Во Превала, во близина на зимскиот центар Брезовица, утрово се видени како пристигнуваат Курти, вицепремиерите Авдулах Хоти и Хаки Абази, како и неколку други министри.

Ниеден од членовите на владата не прифати да зборува за медиумите, но претходно вицепремиерот Хоти преку својот Фејсбук информира дека на Шара ќе се расправа за програмата за работа на владината коалиција.

– Денеска на работна средба на Шара со целиот владин кабинет, на расправа за Програмата на владата 2020-2023. Во оваа програма целосно се одразува коалицискиот договор, каде што се специфицирани мерките кои ќе ги преземеме за зголемување на вработеноста, за сеопфатна социјална грижа, за квалитетно образование и здравство, ред и закон за сите, поддршка за земјоделството, силна дипломатија, грижа за нашето иселеништво и други прашања, напиша Хоти.иа