Косовскиот премиер, Албин Курти најави итно заживување на процесот на процесот на ветинг во судството и ставање во функција на Канцеларијата за заплена на имотот чие потекло не може да се оправда, јави дописникот на МИА од Приштина.
На денешната прес-конференција заедно со министерката за правда, Албулена Хаџиу, Курти рече дека последните коментари на Венецијанската комисија за овие две прашања, објавени денеска, се доказ дека „предложените реформи од страна на Владата се во согласност со политиките на демкратските држави“.
– Ветингот мора да се спроведе, како и заплената на имотот чие потекло не е оправдано. Денеска започнуваме со заживување на овие процеси од суштинско значење со поддршка од Венециската комисија. Сé што се бара од Владата ќе биде доставено до Собранието во рекорден рок, затоа што реформата не може веќе да чека, рече Курти.
Според него, „со актуелните меанизми и со актулените актери, реформата на косовкото судство е невозможна“.
– Сведоци сме на постојано валкање на судството од самите судии и обвинители со нивните неодмерени, корумпирани и политички обоени однесувања. Едно такво судство е закана за слободата и за државноста и ние такво судство не сакаме, рече Курти, нагласувајќи дека таа констатација ја потврдуваат и досегашните мислења на Венецијанската комисија.
Министерката Хаџиу рече дека ќе се спроведе целосен ветинг во правниот систем, почнувајќи од челниците на правните институции.
– Ветинг ќе има и тој ќе се спроведе целосно и како што треба, почнувајќи од челниците на правните институции. Подготвени сме да соработуваме и со Судскиот совет и со Советот на обвинители на Косово, со меѓународните партнери и со опозицијата со цел овие реформи да заживеат, изјави Хаџиу.
Според неа, Венециската комисија посочила „бројни проблеми во правниот систем, тргнувајќи од недовербата во судството, корупцијата, бескрајното одолговлекување на судските процеси, непотизмот, па сé до изборот на главниот државен обвинител“.